Краток документарен филм посветен на традицијата „Во очи Божиќ, Бадник“ и обредот „Магаре“ е објавен и достапен за гледање во продолжение. Филмот претставува авторско дело на Кристијан Митревски, базирано на неколкугодишно теренско истражување на локалното население во пределот Каршијак.

Преку сведоштва на повеќе од 20 соговорници, документарецот ја реконструира и пренесува автентичноста на обичаите поврзани со Бадник, со посебен акцент на селата Пуста Брезница и Јаболце. Авторот го истакнува личниот мотив зад проектот, поврзан со неговото детство и влијанието на неговата баба, која активно ги практикувала и пренесувала традициите.

Филмот е реализиран како матурска проектна задача по предметот Етнологија во ДМБУЦ „Илија Николовски, Луј“, каде Митревски се образува во насока на традиционална музика и игра. Неговото искуство во културно уметнички друштва и фолклорни студија дополнително придонесува за сценската и етнолошката обработка на темата.

Во проектот учествуваат повеќе изведувачи и членови на локалната заедница, а поддршка е обезбедена од Фолклорниот ансамбл „Св. Јоаникиј Ракотински“, како и од ментори и стручни соработници од областа на етнологијата и етнокореологијата.

Камерата, режијата и монтажата се на Миодраг Константинов, а филмот е реализиран во 2026 година, во продукција на Проспериум Филмс.

Документарецот нуди увид во богатството на локалната традиција и претставува обид за нејзино зачувување и пренесување на идните генерации. Видеото можете да го погледнете во продолжение.

https://www.youtube.com/watch?v=LYMbwdzueZg