Психологијата укажува дека причината зошто е тешко да се создадат блиски пријателства по 30-тата година не е недостатокот на време, туку начинот на живот. Вистинската блискост бара спонтана и непланирана ранливост, нешто што возрасните со години се обидуваат да го избегнат.

Многумина веруваат дека обврските, работа, деца и секојдневни рутини, го ограничуваат времето за нови пријателства. Но, според психолозите, вистинската пречка е структурата на животот што ја градиме за да биде сигурен и предвидлив. Со текот на годините создаваат рутини кои ги минимизираат изненадувањата, но токму тие ја намалуваат можноста за вистинска поврзаност.

Блискоста не се создава во однапред планирани средби, туку во спонтани моменти. Во детството, пријателствата настануваат природно – преку разговори без филтер, споделени мали искуства и искрени реакции. Кај возрасните, комуникацијата често е ограничена на кратки средби или формални разговори.

Клучот за вистинска врска е ранливоста, моментите кога човек се покажува искрен, дури и кога не е подготвен. Но, токму тие моменти возрасните ги избегнуваат, бидејќи сакаат контрола и стабилност.

Истражувањата покажуваат дека осаменоста станува сè поголем проблем и може да влијае на менталното здравје и когнитивните способности. И покрај организираниот и исполнет живот, многумина немаат личност со која можат вистински да се поврзат.

Решението, според експертите, е едноставно, но тешко за прифаќање – повеќе непланирано време. Време без строг распоред, во кое може да се случи вистинска комуникација. Бидејќи, како што заклучуваат, не може истовремено да се има целосна контрола и вистинска блискост.