Делењето паричка во погача е еден од најпрепознатливите и најсаканите народно-христијански обичаи кај Македонците. Но, иако на прв поглед изгледа исто, значењето на паричката на Бадник и на Василица не е сосема исто, а сè почесто се поставува и прашањето – дали е правилно паричка да се дели на двата празника?
Паричката на Бадник – благослов за домот
На Бадник, вечерта пред Христовото Рождество, се подготвува посната бадникова погача во која се става паричка. Овој обичај има длабоко симболично значење.
Паричката на Бадник не се врзува исклучиво за лична среќа или материјален добивка, туку пред сè за благослов, здравје и хармонија во домот. Се верува дека оној кај кого ќе се падне паричката ќе има мирна и благословена година, но истовремено и дека целото семејство ќе биде под Божја заштита.
Во многу домови, паричката на Бадник се смета за „куќна“ – знак дека домот ќе биде сочуван од несреќи, болести и немир.
Паричката на Василица – среќа и бериќет за годината
За разлика од Бадник, паричката што се дели на Василица (Стара Нова година) има поизразена народна симболика. Тука фокусот е на среќата, успехот, напредокот и бериќетот во текот на целата година.
Кој ќе ја најде паричката на Василица, според народното верување, ќе биде „среќникот на годината“ – ќе го следи успех во работата, здравје и благосостојба. Затоа, Василичарската погача често се дели со посебна радост и исчекување, особено меѓу децата.
Дали може паричка да се дели за двата празника?
Од црковен аспект, не постои забрана да се дели паричка и на Бадник и на Василица. Напротив, овие обичаи се сметаат за дел од народната традиција која го збогатува празничното доживување, сè додека не се заменува суштината на празникот – молитвата, благодарноста и заедништвото.
Свештените лица често нагласуваат дека паричката не е магиски предмет, туку симбол. Вистинската вредност не е во металот, туку во значењето што семејството му го дава – заедничката трпеза, мирот во домот и надежта за подобра година.
















