Пазарот на труд во Македонија сè појасно покажува дека формалното образование не е секогаш клучот до добра заработка. Напротив, неколку занаетчиски и физички професии, за кои не се бара факултетска диплома, се меѓу најдефицитарните – и најплатените.

Според податоците на Државен завод за статистика, најголем дел од слободните работни места континуирано се регистрираат во секторите градежништво, транспорт, преработувачка индустрија и услужни дејности. Работодавачите најчесто бараат градежни работници, заварувачи, молери, водоинсталатери, електричари, возачи и работници во угостителството, кадри што тешко се наоѓаат на домашниот пазар.

За овие професии, во најголем дел од случаите, не е потребно високо образование, туку практично знаење, обука на работно место и подготвеност за работа. Токму поради недостигот од квалификувана работна сила, платите значително пораснаа. Во градежништвото и транспортот, месечните примања често ја надминуваат просечната плата во државата, а кај дефицитарни занаети се нудат и дневници, бонуси и платено сместување.

Податоците на ДЗС покажуваат и дека бројот на слободни работни места е значително поголем од бројот на активни баратели на работа во овие занимања, што дополнително ја зголемува преговарачката моќ на работниците.