Пабло Пикасо (1881-1973, роден во Малага, Шпанија) е еден од најдоминантните и највлијателните уметници од првата половина на 20-тиот век.

Станува збор за еден фасцинантен уметник, кој како пионер во ликовниот правец „кубизам“ направи целосно преобликување на предметите и воведе ново движење во сите стилски правци во историјата на светската уметност кое има влијание и во денешната уметност.

Покрај кубизмот, тој остави силен печат во експериментирање на техника колаж и во лавиринтите на мистичниот надреализмот.

Како немирен дух со постојана потрага по нови предизвици Пикасо голема инспирација во своето творештво пронаоѓал во скулптурите на африканската и античката ибериска уметност, додека пак детскиот дух го негувал со љубовта кон ликовите од циркузите, акробатите, танчарите, животните, актерите (розев и син период).

Во основа, себеси се квалификувал како сликар, но мошне вешт со својот креативен дискурс е и во изработката на скулптурата и истражувањата на принтови и керамика. Еклектичен е призвукот во неговиот ликовен израз каде бојата не толку е доминантен елемент како што е оригиналниот и пикторалниот начин на презентирање на формата и просторот.

Она што е карактеристично за неговиот технички пристап во цртањето е што фигурите ги доловува повеќе структурално и ја деконструира конвенционалната перспектива која долг период доминираше во Ренесансното сликарство.

Всушност, ова претставува еден пресек во модерната уметност во кој заедно со Жорж Брак го носат новото струење на кубизмот во сликарството. Имено, тој го урива стариот начин на импресионистичко сликарско размислување така што се појавува нов истражувачки процес на градење на сликата и целосна реконструкција на предметот во нов геометриски облик на коцка, конус и цилиндар.

Ако делото Госпоѓиците од Авињон го означува почетокот на новата контура, тогаш несомнено е дека Пабло Пикасо започнува една уметност на мислата, на нови можности во креирање на внатрешната структура, на геометриско прекршување на обликот, на истакнување на волумен на рамна површина и сл. Во тој контекст, во една прилика ќе каже: „ги сликам предметите онака како што ги замислувам, а не како што ги гледам”.

Во многубројните негови дела од различните сликарски периоди (аналитички кубизам, синтетички кубизам, класицизам, надреализам) како што се: Герника, Жена со гитара, Акт од позади, Виолина, Мртва природа со луле, Портрет на Амброаз Волар, Огледало, Читање итн., доаѓа до израз портрет на прекршени форми изведени со само неколку потези на линијата и започнува да ја креира сликата прикажувајќи ги повеќето страни на предметот. Воедно, пред неколку години Министерството за култура во соработка со галеријата Местни трг од Љубљана во МКЦ одржа изложба на оригинални факсимили на цртежи, литографии и гравури на Пабло Пикасо во која беа претставени машки и женски актови, мотиви од античката уметност на приказ на минотаури и баханалии, појадок на трева, шпански мотиви според Веласкез и др.

Во овие творби уметникот наоѓа можност за изразување на својот лиризам и спонтаност во доживувањето, страст и радост на живеењето, на ведрината и оптимизмот. Тоа се асоцијативни форми во кои доаѓа до израз инстиктивното реагирање на уметникот.

Пикасо е незапирлив со својот темперамент на постојано експериментирање и внесување на нови облици во своите дела, се издвојува со својот ненагласен колорит на сиви и кафени тонови со цел да дојде до израз научната анализа на геометриски нови структурални форми во цртежот. Неговите дела се непрекинат извор на проучување на историчарите на уметноста низ целиот свет, тие зрачат со енергија пона со животна радост и видлив е нескротливиот дух и негова желба постојано да менува и да прескокнува од една техника во друга, од цртеж на сликање до графика на обликување на предмети и скулптури.

Автор: Марија Стојческа No description available.