Како да ми изгледа фотографијата? Имам идеја како да соберам повеќе реакции? Подготовки за фотографирањето се прават понекогаш и со часови, а блицот од камерата забележува само еден момент. Во тој момент, сме насмеани, позираме истакнувајќи ги сите наши „силни“ или добро намонтирани страни, анализираме да не ни „испадне“ нешто што не би требало да се види. Откако блесокот ќе се исклучи, остануваме да живееме во таа фотографија.

Веќе ништо не е важно, ниту нашата коса, ниту нашето расположение, дури ни луѓето со кои седиме и ги внесуваме во фотографијата. Нашиот фокус е телефонот и платформата на која се објавени фотографиите. Со часови анализираме дали сме ја оствариле целта, сме собрале доволно реакции и дали таа една фотографија доволно ја „отсликува“ суштината на нашето битие.

Фотографијата престана да го бележи моментот, таа стана суштина на нашето постоење.

На социјалните мрежи во лажен сјај постојано се прикажува како ние сме среќни, силни, борбени, успешни, насмеани, богати, здрави, сакани… Дури и доколку некој се обиде да објави нешто поврзано со болест и несреќа, како да го контаминира и злоупотебува тој простор и му се порачува дека приватните работи не се изнесуваат јавно.

Да, болестите, несреќите, тагата, егзистенцијалната криза, песимизмот, разочараност и резигнацијата се приватна работа и во тоа сме потполно сами. Ако сакаме друштво и социјална средина мора да бидеме весели и ведри и оптимистични и да зрачиме со позитивна енергија. Кога сте во проблем немате никој, кога не ви треба никој ги имате сите!

Едноставно сме принудени да бидеме СРЕЌНИ.

Денеска се читаат „селф хелп“ книги и хуманистичка психологија која е полна со ветувања дека нашиот живот мора да продолжи понатаму без разлика на случувањата и околностите. Секогаш треба да ја наоѓаме причината во себе за тоа што сме несреќни. Среќата се доживува само и исклучиво како субјективна работа и оптимизмот е вклучен на најјако.

Веќе никој не чита Сартер, Ками, Киркегор, Достоевски… Луѓето за тие дела немаат време, а и тие им се „мрачни“, им шират негативна енергија. Нивното битие не постои во егзистенцијалните кризи, во несреќите, во чувствата на осаменост, во разочарувањата, во чувството на вина и каење. Нивното битие постои само на онаа фотографија од која вришти лажниот аристократски сјај.

Нашите животи постојат само на социјалните мрежи кои бележат селективни биографски моменти, целата друга биофрагија е опис на живот на еден несреќен човек кој ја изгубил борбата со животот. А на губитниците не им се одава време и почест…

Лицемерството во откривањето на она што сакаме да се види и знае за нас и прикривањето на она што не сакаме другите да го знаат, оти ако другите не го знаат, како и да не се случило, како и да не постои, со тек на време се повеќе ќе не остава сами и без можност за продлабочување на социјалните врски.

Автор: Магдалена Стојмановиќ