Во Македонија има изрека: „Брат, брата не храни, тешко тој што го нема“.

Ова синтагма во која е собрана колективна и генерациска животна мудрост може да се примени и на односот помеѓу братските народи – Македонците и Бугарите.

Меѓусебно не се храниме, ниту имаме некој „аир“ од тоа што сме братски, ама би било лошо да немаме братски народ, оти како ќе создадеме свест за сопствената посебност, ако не спориме со тезата дека сме поврзани со знак на идентичност и чиста тавтологија.

Бугарската пропагандна машинерија во Македонија постојано ги менува тезите кои понираат кон се поголем апсурд.

Пропагандната улога што Бугарите си ја самозададоа ја презентираат како просветителска, а себе се доживуваат како „Нов Бекон“ со „Нов органон“ што треба Македонците да ги исчисти од нивните закоравени србомански заблуди.

Најновата теза е дека непостои „македонски јазик“ кој има своја лигвистичка специфичност во однос на бугарскиот, дека сите записи пред кодификацијата од 1944 година се индивидуална заблуда и неартикулирана борба за истакнување на посебноста на македонскиот јазик.

Пропагандистите, Крсте Петков Мисирков и на „За македонцките работи“ особено петта глава каде што зборува за македонскиот јазик го презентираат како „случајна и изолирана историска случка“.

Секој што го читал Крсте Петков Мисирков, ја знае неговата темелност, намера и заложба да ги етаблира посебностите на македонскиот јазик, кој за жал до тогаш бил етаблиран во декрети и архивски документи на институции кои не биле уредувани и автономни на Македонија.

Освен што негираат дека македонскиот јазик е стихијно и природно развиван, Бугарите тврдат дека македонскиот јазик е насилен и интервентен производ на српскиот „империјализам“ во Македонија кој кулминирал со кодификацијата на македонскиот јазик во 1944 година.

На ова тврдење нема да одговорам нихилистички, негирајќи ги тезите на Бугарите. Наместо тоа ќе ги прифатам и ќе се обидам да ги преиспитам за да ја сфатите нивната апсурдност.

Имено Србите се тие кои сакале да создадат нова нација, на територија која веќе била под нивно уредување по Букурешкиот мировен договор од 1913 година, со јасна свест да ги демаркираат Македонците од Бугарите.

Која е логиката, една империјалистичка држава, како што ја претставуваат Бугарите, во рамките на територија под свој суверенитет, културно блиска, да произведува нова нација, наместо да асимилира?

Кој е интересот Србите свесно да работат на сепаратизам во рамките на нивната држава и да наметнуваат идеи на племе без национална свест дека тие се посебен етнос, со посебен културен идентитет?

Бугарите сакаат да кажат дека Србите ни правеле нам услуга, презентирајќи не како НЕ – Бугари, но во исто време и како НЕ – Срби.

Од современа перспектива, ова идеја на Бугарите провлечена со барањето да се расчисти со антифашистичкото минато на Македонија кое на Бугарите гледа како на окупатори и на фашисти, октроирана секако од српска Југославија, е сосема контадикторна.

Ако Бугарите убедуваат дека Србите издејствувале кодификација на македонскиот јазик и тие се индиректни креатори на македонската нација, тогаш како може да ги сметаме Бугарите како свои, ако нацијата ни ја негираат, а не смееме да ги сметаме Србите за блиски кои нацијата ни ја признаваат и учествуваат во нејзино творење?

Показател за непознавање на општественото битие на нацијата и толкувањето на фактите, е и замислата дека може да се протне идеја дека една нација е чист производ на соседите, кој сега Бугарија упорно настојува да го ребрендира.

Воопшто не е паметно Бугарија да убедува дека ние сме во суштина Бугари на кои Србите им дале дел од територија под свој суверенитет за да градат суверена држава.

Зошто го направиле тоа? Им било тешко да не убедат дека сме Срби, ама им било лесно да не убедат дека не сме Бугари?

Уште пострашно е што, прашањето за нации се води во рамките на ЕУ и ЕУ како концепт се инструментализира за да се изврши влијание во толкувањето на историските факти, интервенцијата во колективната меморија и секако минатото иако ЕУ е наднационална творевина.

Тоа што, прашањето за нациите е уште актуелно во рамките на наднационална творевина која настана како примирје на катастрофите што ги донесе нацизмот и национал-шовизнизмот покажува дека човековите права и слободи не се суштината на оваа организација.

Тогаш и воопшто не треба луѓето во Македонија да бидат загрижени за својот национализам, ако национализмот е скриениот и убаво обликуван темел на оние што од цивилизациски вредности разбираат само с*рење во поскапа шоља.

Национализмот од едната страна не значи отворање кон другите, напротив значи затворање во сопствената енклава за да се заштити идентитетот. Со ваков однос Македонија и Бугарија никогаш нема да станат пријателски народи, не се, а тоа е доволен доказ дека историјата е исправна и таа вели дека Македонија и Бугарија никогаш и не биле пријателски народи.

Така ќе остане уште долго време, а ветото ќе донесе само нови промени, геополитички, што ќе одат на штета и на Македонија и на Бугарија и на ЕУ.

Автор: Магдалена Стојмановиќ