Денеска зборот софизам обично се употребува во пејоративно значење и реферира на знаења кои се половични, изведени без логичко следство или заклучоци кои се користат за ширење на заблуди и погрешни уверувања. Ова значење на зборот „софист“ и „софизам“ е засновано на глава V од Органонот на Аристотел, кој е насловен како „За софистичките побивања“. Овој дел од Органон на Аристотел ги содржи сите запишани расправи кои Аристотел ги води со софистите при тоа во запишана форма спори со софистичките теории. Главниот заклучок на Аристотел е дека софистите користат „ентимема“ односно привиден силогизам кој не ја содржи малата тпремиса, туку од големата премиса веднаш се преминува кон заклучокот. Оваа скратена постапка според Аристотел им служи на софистите да шират намерни заблуди при спорењето и тие прават злоупотреби во силогистичкото закчучување како би ги побиле противничките аргументи.
Се чини дека овој имиџ на софистиката и софистите, ги следи во одредени кругови и ден денеска. Кога за некого денеска, ќе кажете дека е софист, тоа најчесто значи дека шири погрешни верувања или демагогии. Првиот впечаток за софистите во поглед на историјата, го има затемелено Аристотел во Органонот, додека вториот впечаток за тоа дека софистите се демагози, го има втемелено Сократ односно Платон. Сократ често спори со софистичките теории и една од главните забелешки на Сократ е дека софистите имаат премногу отворен пристап, односно дека држат предавања на агората и нивните знаења ги прилагодуваат на целиот „демос“ (народ) и со тоа ја сквернават научната мисла која треба да е издржана и темелна. Овој помалку елитистички став на Сократ кон софистите, ги следи и ден денеска, токму поради тоа што Сократ низ историјата на филозофијата успеал да се етаблира како позначаен мислител од софистите.
Но без разлика на впечатоците за софистите, факт е дека денеска малку се знае за учењето на софистите и тоа што се знае е погрешно втемелено, или поради влијание на објективистичките парадигми во филозофијата е целосно истиснато од доменот на релевантно. Во прилог ги разгледуваме најзначајни софистички мисли и теории кои се важни и ден денеска, а кои го опишуваат карактерот пред на социјалното живеење.
- Протагора „Човекот е мера на се“
Протагора е софист од старата школа на софисти и е најпознат по својата изјава дека „Човекот е мера на се“. Оваа негова изјава се толкува на два начина. Првиот е епистемолошки и се однесува на уверувањето дека човечкиот род е единствено способен да спознание, а дека сите други форми на живот се пониско рангирани во поглед на познавањето на опкружувањето и сопственото место во космосот.
Другиот правец на интерпретација е дека, човекот како поединец е мера на се, или во превод секој човек има своја вистина. Никој не може да го познава светот од позиција на другиот и секој поединец е субјект на вистината врз база на своето искуство, образование и сл.
- Право на посилниот и право на послабиот
Трасимах ја разгледува праведноста како вредност и софистичката школа, како и Сократ односно Платон говори за праведноста. Според софистите во општеството не може да се постигне математички прецизна правда. Или владее посилниот и од позиција на моќ ја наметнува својата волја и го управува однесувањето на другите или владее послабиот. Владеење на послабиот се случува преку онаа што денеска е познато „говор од позиција на жртва“ која во психологијата е препознаена како абнормална или патолошка состојба. Некои луѓе користејќи ја општествената солидарност постојано се претставуваат како жртви и со тоа добиваат статус на заштитени. Преку статусот на заштитени тие се обидуваат да ја наметнат волјата на другиот/другите.
- Отворено знаење
Софстите биле првите „учители“ на народот. Тие постојано биле помеѓу луѓето, дебатирале и ги подучувале. Имено и етимолошки, терминот софист, значи токму тоа – учител, подучувач. Иако од денешна перспектива може да се каже дека нивното подучување е благородна дејност, бидејќи го правеле знаењето достапно за сите, во античко време токму оваа демократичност на мислата и отворен пристап на софистите им донел многу „непријатели“.
Платоновата „Академија“ и „Ликејот“ на Аристотел биле едни од привте универзитети во кои имало два пристапи во поглед на ширење на знаењето и науката. Тие ги селектирале знаењата на езотерични и егзотерични. Она што било егзотерично или достапно за поголем број луѓе, е само мал дел од нивните исучувања. Аристотел и Платон следат елитизам на мислата и сметаат дека сите знаења не треба да бидат достапни за секого, прво затоа што не сите луѓе може да ги разберат и второ затоа што во општествената стратификација секој треба да поседува не универзитетско знаење, туку знаење специфицирано за позицијата која поединецот ја има во рамките на едно општествено уредување.
Автор: Магдалена Стојмановиќ – Константинов
*Авторот е магистер по социолошки науки, дипломиран професор по филозофија и новинар