Денеска е еден од најголемите празници во Македонија. Во минатото токму на овој датум се случиле значајни настани. Едниот кој историски го впишал фактот за постоење на национална свест кај Македонците, а другиот кој Македонците ги потврдил како народ со државотворна амбиција.
Веројатно не постои човек во Македонија кој не го прославува овој ден. Некој поради „Илинденско востание“, некој поради АСНОМ, некој поради именден, куќна слава, или едноставно затоа што е државен празник кој ви дава доволно слободно време да го поминете со семејството и најблиските.
По медиумите, вкучувајќи ги и социјалните мрежи ќе видите луѓе облечени како Карев или Питу Гули, како празнуваат АСНОМ во Пелинце, како вртат скара покрај некоја река или ја сликаат својата богата трпеза на која задолжително има јак алкохол. Доволно материјал за да ја извади целата апсурдност на празнувањето на површина.
Оние кои се униформирани Каревци или Питу Гулевци и што гордо јаваат коњи до Крушевската република слават луѓе со поглед во иднината, гледајќи кон минатото. Историските личности кои се споменуваат и слават биле исклучително прогресивни, визионери, со јасни погледи кон иднината, за да после 117 години група на луѓе парадираат низ истото место облечени во облека која веќе никаде не се носи.
Таквите перформанси не му вдахнуваат смисла на празникот, туку му ја одземаат. Просто делува како да сте дошле на некоја комична претстава во која тие историски личности се исмеваат, а не слават. Униформата која ја носел Карев, му припаѓа нему, на неговото време, на неговите раменици, на неговиот темперамент, на неговиот спомен, не може ова време да роди Каревци или Питу Гулевци може да роди нови херои на нашето време, но тие би се разликувале од оние на минатото.
Достоинствено и разумно одавање на почит и помен кон историските личности може да се направи на многу поинаков начин, со проникнување во идејата на револуцонерите, на бремето кое го носело тоа време, во нивните идеали и секогаш строго со свест дека се работи за историја и минато кое треба да ни го даде правецот кон иднината, а не да ни биде точка на стагнација.
Оние, пак, кои денеска го прославуваат државотворењето на Македонија и отишле во Пелинце да ги гледаат репликатите на документите со печати од АСНОМ и имитација на салата во која се заседавало, прават слава на репликати, на имитација, на копија и тие воопшто не само што не се во дослух со времето туку и не се во согласност со просторот. Оти Прохор Пчински е местото каде што треба да се наоѓаме ако сакаме барем географски да го почувствуваме мирисот на спомените.
Природата на нашиот народ е таква да ние не сме подготвени да се избориме надвор за тоа што е дел од нашата историја со факти, аргументи, жестина и дијалог, ама затоа во Пелинце ќе ги полниме градите со гордост и ќе зборуваме за тоа како ние сме „борбен, храбар и натпреварувачки народ“ и тоа уште по генетичкиот код и библискиот запис.
Имам впечаток дека мојот народ има дури и абнормална потреба да бара и создава минато, а има сосема неизвесна иднина пред себе. Пред очи ни се десија најголемите национални порази, пред само неколку години со промена на името, а ние и понатаму градиме мит за себе, за тоа колку сме борбени, горди и независни како народен ентитет.
Дури и како поединци сме заглавени во минатото. Македонецот најретко се одлучува за промени во својот живот. Само кај нас може да слушнете фрази од типот – Останувам во брак затоа што имаме заедничко минато, затоа што сме долго време заедно или заради тоа што имаме деца. Само од Македонецот можете да слушнете – Останувам на истото работно место затоа што сум навикнат да бидам во таа средина. Само кај нас може масовно да се чуе – Останувам во истото маало затоа што не можам да го раскинам споменот со родителите со кои веројатно секој ден се во жестоки конфликти. Само кој нас се создаваат традиции – Од славење на месечнини, годишнини, слави и имендени така што скоро секој втор ден ни е празник на кој се опиваме затоа што имаме потреба да ја избегнеме вистината за себе, имаме потреба да бидеме во делиријум.
Ако сакаме да ги зачуваме спомените тогаш кон нив ќе се однесуваме како кон спомени кои имаат голема вредност и кои треба да се негуваат, а не од спомените да правиме – паради, циркузијади и секакви перформанси кои дури и во естетска смисла изгледаат кич.
Веројатно ова колумна нема да му се допадне никому особено не на оние гордите јунаци качени на коњ што моментално се наоѓаат во Крушево или оние АСНОМЦИ што сега се наоѓаат во Пелинце. Мене ми се допаѓа најмалку тоа што го пишувам и констатирам и камо среќа огледите да ми изгледаа сосема спротивно од ова.
Но, како и да е, мора да постојат и вакви лица на кои мускулестите мажи ќе ја покажат својата храброст и воинственост додека на фејсбук коментари редат куп пцовки и шовинистички коментари под текстот.
Магдалена Стојмановиќ