Мој збор: За почеток, како би им објасниле на читателите што точно претставува Македонското пенолошко друштво и која е неговата улога во општеството?
-Македонското пенолошко друштво е професионална невладина организација која се занимава со тоа како функционираат затворите, кои се најдобрите начини за третман и поддршка на осудените лица, и како тие успешно да се вратат во заедницата по издржување на казната. Нашата улога е да ја поврземе науката, практиката и институциите, и да отвориме разговор за теми кои ретко се дискутираат, а се важни за секое општество.
Во средина каде што прашањата за затворите, условите и животот по казната долго време беа заборавени или табу-тема, МПД има значајна улога, да ја намалува стигмата, да предлага подобри законски решенија, да отвора јавна дебата и да развива практични политики за ресоцијализација и поддршка на поранешни осуденици.
МПД ги обединува експертите од правната наука, академици и професори, практичари, криминолози, социјални работници и други професионалци со долгогодишно искуство во казнено-правниот систем. Токму оваа мултидисциплинарност ни овозможува да понудиме целосен и сериозен пристап, од анализа на законската рамка, до развивање програми за третман, превенција и ресоцијализација.
Организираме истражувања, јавни расправи, едукации и иницијативи што придонесуваат за похуман и поефикасен систем на извршување санкции. Работиме на теми како рехабилитација, условен отпуст, пост-пенална поддршка, превенција на малолетничко престапништво и мониторинг на состојбата во установите, сè со една јасна цел: казната да води кон вистинска промена, а не кон повторно престапништво.
Мој збор: Пенологијата често е „невидлива“ тема во јавноста. Зошто е важно да се зборува повеќе за оваа област и зошто таа е клучна за едно праведно општество?
-Пенологијата, како наука, ја проучува смислата и суштината на казнувањето, функционирањето на затворите и институциите, и што навистина придонесува човек да направи промена по издржувањето на казната. Тоа не се „оддалечени академски идеи“, туку знаење што директно влијае врз безбедноста, човековите права и општествената правда. Начинот на кој ги третираме оние што згрешиле многу говори за вредностите на едно општество.
Важноста на пенологијата лежи во тоа што ни покажува дека казната сама по себе не е доволна. Потребни се програми, системи и професионален пристап за да се спречи повторно престапништво, да се поддржат луѓето во нивната ресоцијализација и да се намали ризикот од нови жртви и штети. Таа наука ја спојува безбедноста, правдата и човековите права во ист заеднички фокус, а тоа е одговорно и хумано постапување.
Кога ја занемаруваме оваа област, ние ја занемаруваме и шансата да создадеме поправеден и побезбеден систем за сите. А кога вложуваме во современи и хумани политики на извршување санкции, не им помагаме само на поединците, туку градиме општество што учи, превенира и ја штити заедницата како целина.
Мој збор: Кои се најчестите системски предизвици со кои се соочува пенитенцијарниот систем во Македонија денес?
-Ќе одговорам повеќе од перспектива на жена што со години работи со системот, отколку само теоретски аспект.
Еден дел од предизвиците се „класични“ и добро познати: стари и недоволно адаптирани објекти, недостиг од кадар, особено стручен кадар, пред сѐ психолози, социјални работници, едукатори, преголем административен товар и недоволно време за вистинска работа со осудените лица. Тоа неминовно се одразува и на условите за живот и работа во установите.
Втор, подлабок проблем е што системот и понатаму е многу ориентиран кон „чување и обезбедување“, а недоволно кон третман и промена. Нема доволно структуриран дневен живот, образовни и работни програми, психо-социјална поддршка, подготовка за излез и организирана пост-пенална помош. Кога човек излегува од затвор без поддршка за сместување, работа, семејни односи, ризикот да се врати на старите навики е огромен.
Трет предизвик е координацијата: пенитенцијарниот систем не може сам да ја носи целата тежина на ресоцијализацијата. Потребна е многу поблиска соработка со службите за пробација, центрите за социјална работа, здравствениот систем, локалната заедница, па и работодавачите. Без тој „надворешен круг на поддршка“, затворот останува затворен систем, а ние зборуваме за луѓе кои треба да се вратат во општеството.
И на крај, тука е и стигмата. Општеството често гледа на осудените лица само низ призмата на делото, а не како на луѓе со потенцијал за промена. Сè додека тоа не се смени, реформите остануваат предизвик.
Мој збор: Во кој дел најмногу е потребна промена – во законската рамка, во инфраструктурата или во начинот на постапување со осудените лица?
-И трите сегменти се важни, но ако мора да издвојам, најголемата промена е потребна во начинот на постапување со осудените лица. Закони може да се усвојат, објекти може да се реновираат, но без промена во пристапот кон луѓето, суштината на системот останува иста.
Потребен е поиновативен и похуман третман, повеќе смислени активности во текот на денот, програми што градат самодоверба и вештини, психолошка и социјална помош, и внимателна подготовка за моментот кога лицето излегува надвор. Токму таму се гледа разликата, дали ќе му се даде вистинска шанса за нов почеток, или ќе се врати во кругот од кој се обидува да излезе.
Секако, инфраструктурата и законската рамка се база, и кај нас има уште многу работа и во двата сегмента. Но промената на културата, односно како гледаме и како постапуваме со осудените лица, е она што ја прави реформата вистинска. Тоа е делот што најмногу ја одредува и безбедноста, и успешната ресоцијализација, и општествената стабилност.
Мој збор: Македонското пенолошко друштво активно организира едукативни и истражувачки активности. Колку тие реално влијаат врз промените во системот?
-Во последните години навистина гледаме промена. Нашите едукативни и истражувачки активности не остануваат „на хартија“, напротив, сè почесто гледаме дека професионалците ги користат во пракса. Се зголеми интересот и кај стручната фела, и кај вработените во затворската администрација и кај судиите, службите за пробација, па дури и кај луѓето кои секојдневно работат во установите.
Она што ме радува е што интересот не доаѓа само од формална потреба, туку од искрена желба да се подобри системот. Се бара повеќе тренинзи, работилници, дискусии, анализи… толку многу што последно време буквално не ни стигнува време да организираме сè за што има интерес. Тоа е најдобар знак дека нешто се движи во позитивна насока.
Дополнителна валидација е што голем дел од нашите активности добиваат сериозна поддршка и од меѓународните организации, како Советот на Европа, Мисијата на ОБСЕ во Скопје и странските амбасади. Таа поддршка ни овозможува да работиме поквалитетно и посистемски.
Секако, големите системски промени не се случуваат преку ноќ, но оваа поврзаност меѓу науката, практиката и институциите создава основа за стабилен напредок. Ако луѓето на терен се мотивирани и подготвени да учат и да се менуваат, тогаш шансите за вистинска реформа се многу поголеми.
Мој збор: Како ја гледате улогата на пенологијата во ресоцијализацијата и превоспитувањето на осудените лица?
-Пенологијата има многу подлабока улога отколку што изгледа на прв поглед. Таа не се занимава само со тоа како се издржува казната, туку со тоа што се случува со човекот за време и по казната. Во суштина, пенологијата е наука која стои зад ресоцијализацијата и превоспитувањето, зад идејата дека секое лице може да направи промена ако му се даде вистинска поддршка.
Во ресоцијализацијата пенологијата поставува рамки: како треба да изгледа дневниот живот во установите, кои програми навистина помагаат, како се гради рутина, одговорност и самодисциплина, и како се подготвува лицето за враќање во заедницата. Превоспитувањето не значи „казнување“, туку создавање услови лицето да развие нови вештини, нов начин на размислување и поголема контрола врз сопственото однесување.
На кратко, пенологијата е мостот помеѓу казната и новиот почеток. Без неа, казната би била само време поминато зад решетки.
Мој збор: Колку во оваа област е важен човечкиот пристап и почитувањето на достоинството на секое лице, без оглед на неговата казна?
-Човечкиот пристап е најважен, тоа е основата на сè. Кога почитуваме нечие достоинство, без оглед на казната, ние создаваме услови лицето навистина да се промени. Стравот и понижувањето никогаш не донеле подобро однесување; поддршката, фер третманот и јасните граници – да. Достоинството не е награда, туку предуслов и за безбедност, и за успешна ресоцијализација.
Мој збор: Како жена на лидерска позиција во ваква специфична професија, со какви лични и професионални предизвици се соочувате?
-Како жена во оваа професија, често се соочувам со предизвикот да бидам слушната во систем кој традиционално бил „машки простор“. Понекогаш мораш двапати да докажеш стручност за да ја добиеш истата тежина во зборот. Но истовремено, верувам дека жените носат посебна чувствителност и интуиција која е многу важна во работа што се занимава со луѓе, кризи, емоции и промена.
И да, постои природен страв кога треба да влезеш во казнено-поправна установа, особено на почеток. Но многу брзо сфаќаш дека тоа е работа како и секоја друга, со свои правила, ритам и луѓе. А кога ќе видиш колку жени секојдневно работат во затворска средина со смиреност и професионалност, тогаш сфаќаш дека и твојата вклученост во системот добива една поинаква, многу посмирена димензија, и одеднаш целата средина станува попредвидлива и полесна за навигација.
Личниот предизвик е да го задржиш балансот: да останеш емпатична, а да не го изгубиш професионалниот фокус; да се вложиш во работата, а да останеш верна на себе. А што се однесува до лидерството, јас го разбирам како заедничка работа. Имам среќа што сум опкружена со многу жени од кои учам секој ден и со кои ја делам одговорноста, поддршката и желбата за напредок.
Професионално, најголем предизвик е понекогаш да работиш во средина која бавно се менува. Но токму тоа ме мотивира: кога ќе видиш дека нешто што си покренала дава резултат, знаеш дека вреди.
Мој збор: Колкав е бројот на жени кои се активни во пенолошката професија и како гледате на нивната улога во понатамошниот развој на оваа област?
-Иако многумина би очекувале спротивното, во пенолошката професија кај нас има навистина многу жени. Често велам на шега дека „без нас – ништо“, но во суштина тоа е многу блиску до вистината. Во изминатата година, на пример, во Министерството за правда и Управата за извршување на санкциите беа формирани две работни групи измени и дополнувања на Законот за извршување на санкциите и за изработка на нов Закон за пробација, и во двете доминантно учествуваа жени – професорки, судијки, јавни обвинителки, жени од затворската администрација, како и експертки од секторот за пробација.
Жените во оваа област носат стабилност, чувствителност и аналитичност, што е многу важно кога работиш со човечки судбини, сложени ситуации и потреба од промена. Тие се движечка сила во многу процеси, и искрено верувам дека нивната улога ќе биде уште поважна во развојот на современи, хумани и ефикасни пенолошки практики.
Мој збор: Постојано се зборува за реформите во затворскиот систем. Што реално би значело тоа за пенологијата и за општеството во целина?
-Реформите во затворскиот систем кај нас не се само административна задача, туку суштинско преосмислување на целата логика на казнување. Изминативе години работиме интензивно на тоа, преку анализи, теренски истражувања, обуки, развивање стандарди, па дури и формулирање на сосема нови модели на работа во заедницата, како пробацијата.
Реформите би значеле дека конечно ќе се оддалечиме од идејата дека затворот е крајната точка и ќе преминеме кон систем во кој санкцијата е само дел од процесот, а фокусот е на тоа што се случува после казната.
За пенологијата, реформите отвораат можност за вистинско научно и професионално унапредување: модерни програми, истражувања засновани на податоци, и систем што се развива врз основа на резултати, а не инерција. За општеството, тоа значи повеќе безбедност, помалку рецидивизам, и повеќе луѓе кои имаат реална шанса да станат активни членови на заедницата.
Но, кога зборуваме за реформи, мора да бидеме искрени: ние се стремиме кон европски стандарди, но ако ги погледнеме поплаките, извештаите на Омбудсманот и секојдневните информации од терен, често ја гледаме спротивната слика. Тоа е реалност со која мора да се соочиме.
Сепак, од моето искуство и работа одблизу, гледам дека последниве години има драстично поместување. Особено во последните две години се забележува многу посериозен и посистематски пристап, што се гледа и во работата на Управата за извршување санкции, и во вклученоста на стручната јавност, пробациската служба и меѓународните партнери.
Мој збор: Како друштво со визија за „праведно општество“, кои се вашите приоритети за следниот период?
-Нашиот фокус останува ист, да се придвижиме кон европските стандарди со примена на хуман третман и современи пристапи во работата со осудените лица. Важно е и понатаму да се работи на намалување на пренатрупаноста во затворите и на развивање на работата како облик на третман, затоа што токму тоа им овозможува на осудените лица структура, мотивација и чувство дека можат да придонесат.
Посебен приоритет, од кој никогаш не сме отстапиле, е остварувањето на најдобрите интереси на децата кои издржуваат малолетнички затвор и на малолетните лица на кои им е изречена воспитна мерка упатување во Воспитно-поправниот дом во Волковија – Тетово. Таму работи професионален тим, но додека сме на тема жени, мора да кажам дека токму жените се тие што носат огромен дел од одговорноста во секојдневната работа.
Тие внесуваат чувствителност, трпение и стабилност, што е особено важно кога работиш со деца и млади кои се истовремено и во ризик и во најкревок животен период. Нивната посветеност е клучна за да им се помогне на овие деца да создадат нова перспектива и нов почеток.
Верувам дека целото општество треба да се сплоти околу оваа цел. Кога станува збор за деца, нема „туѓи“ случаи, тоа се млади луѓе на кои им е потребно рамо, насока и систем кој верува во нивниот потенцијал. Тоа е, и ќе остане, еден од нашите најважни приоритети.
Мој збор: Што би им порачале на младите правници, социјални работници или психолози кои размислуваат да се насочат кон оваа професија?
-Би им порачала едно, следете ја вашата љубопитност. Нема потреба некој посебно да ве насочува, затоа што младите многу јасно ја чувствуваат оваа професија и нејзината смисла. Јас тоа го гледам секој ден.
Како некој што долги години работи со студенти, од Правниот факултет „Јустинијан Први“, преку Правниот факултет на Американ Колеџ, до мојата сегашна улога како насловен доцент на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, постојано сум опкружена со млади луѓе кои ме изненадуваат со нивната мотивација, длабочина и желба да научат повеќе.
А преку Охридската школа за природно право, која ја создадовме во рамки на Центарот за стратегиски истражувања при МАНУ, уште повеќе се уверив во тоа. Понекогаш токму тие ќе ти отворат перспектива што не си ја забележал и после петнаесет години работа. Тоа е енергија што те носи напред и ти дава чувство дека оваа работа има смисла.
Затоа мојата порака е едноставна: продолжете да прашувате, да читате, да истражувате, да влегувате храбро во теми што не се секогаш лесни. Пенологијата и системот на санкции имаат огромна потреба од млади луѓе кои носат храброст, свежина и искрена волја за промена. И верувајте, чувството дека сте придонеле за нечиј нов почеток е нешто што тешко се опишува со зборови.
Разговорот го водеше: Магдалена Стојмановиќ – Константинов
Фото: Иван Блажев, МАНУ и приватна архива





















