За да помине летниот одмор без грижи и панично барање аптека ако ни треба, не би било лошо да понесеме неколку лекови од дома што ќе се најдат „за секој случај“.

Таблетите против гадење им се препорачуваат на оние на кои им се гади додека возат. Со себе треба да имате и термометар, како и лекови за болка и температура (парацетамол, ибупрофен), а за бебињата – сируп или супозитории.

Неколку дена пред одење на одмор, како и за време на одморот, се препорачува да се земаат пробиотици – може да се земаат како превентивна мерка, но и за лекување на дигестивни проблеми.

На одмор може да се случат секакви непредвидени ситуации, па затоа би било погодно да се носат лекови против алергиски реакции.

Сите знаеме колку комарците можат да бидат иритирачки и колку чешањето од нивниот убод може да ни го уништи расположението. Заштитата од убоди од инсекти, велат фармацевтите, ќе овозможи вашиот одмор да помине без непотребни нервози.

Доколку сте на море и наидете на медуза, фармацевтите препорачуваат креми и гелови за кожата со разладни својства и за ублажување на чешањето.

Сепак, напоменуваат дека најважна е заштитата од сончевите зраци. Пред да излезете на сонце треба да нанесете крема со заштитен фактор 50+ и да ја повторите апликацијата неколку пати за време на престојот на сонце. Особено е важно да се заштитат децата, нагласуваат фармаколозите.

Негата на кожата по изложување на сонце е подеднакво важна – за ова се препорачуваат креми и млека за хидратација и нега (има специјални млека за после изложување на сонце, но може да се користи и секое млеко на база на пантенол).

Капките за нос, како и солен раствор, исто така, не би било лошо да ги има во патната аптека, а не треба да заборавиме и на вештачките солзи за очи, како и на хидрогенот за ушите, во случај на затнување.

Пандемијата на коронавирус, иако изгледа како да сме заборавиле на неа, сè уште трае. Средствата за дезинфекција сè уште се на врвот на листата, како и заштитните маски.