Харијет Тејлор Мил, една од најпознатите жени од историјата која се залагала за унапредување на правата на жената поддршката за имплементирање на своите идеи во политички контекст ги барала токму кај мажите. Харијет Тејлор Мил, е мислителка со широг опсег на интереси, остроумна критичарка и есеистка, за чија работа често се коментирало со шовинистрички вредносни аршини дека доколку не се знае дека е напишана од женски автор, никогаш никој не би претпоставил дека е така.

Во своите есеи и критики, Харијет го поставувала прашањето за потеклото на социјалната нееднаквост помеѓу мажите и жените. Со изразено слободен ум и жесток темперамент, Харијет често на своја кожа ги чувствувала општествените опструкции да размислува, да дејствува или да се однесува во склад со своите убедувања засновани да темелни филозофски студии, градени со многу образование, само заради тоа што е жена. Харијет прва антиципира дека причината за нееднаквоста помеѓу мажите и жените не е биолошки заснована, туку општествено, затоа што за биологијата и двата пола се еднакво важни и ниту еден пол во ниту еден поглед не е привилегиран.

Таа успеала да издејствува ситни промени за себе во времето кога живеела, но крупни за сите жени кои живееле и живеат и векови по нејзиниот живот. Нејзините залагања за правото на жената на глас, како и поголема рамноправност на жените во рамките на бракот, за неколку години по нејзиното дејствување станале реалност за жената. Но во оваа инспиративна биографија на Харијет Тејлор Мил се крие голема тага и вкоренета неправда пред која морала да се покорува дури и жена со голем интегритет, знаење и умествена независност. За Харијет Мил да можела да ги протурка сите идеи во рамките на академската заедница, па дури и политичкиот живот, таа морала да бара поддршка од својот сопруг, познатиот либерален филозоф и државен службеник – Џон Стјуард Мил (1806-1873).

Харијет била принудена да ги промовира своите идеи токму преку својот сопруг. Во превод доколку не му била сопруга на Џон Стјуард Мил ќе била само една од обесправените жени кои се обиделе да го кренат гласот против системската неправда кон жените, но никогаш немале да направат ништо значајно за историјата поради што денеска ги споменуваме.

И додека ги презентирам овие податоци, нема ништо чудно во тоа што жената не можела самостојно да издејствува ниту една промена ако не ја добиела поддршката од мажот или од мажите бидејќи зборуваме за општествена констелација од 19тиот век. Но она што е поразително во целата оваа приказна е што состојбата не е нитшо поинаква ни денеска. И денеска законите за поефтини менструални производи ни ги гласаат доминантно мажите во Собрание, одлуката за времетраење на породилното отсуство од работа ја носи владата која во најголем дел е составена токму од мажи, нееднаквата прераспределба на моќ ги прави жените се уште зависни од поддршката на мажите.

Мажите носат одлуки за теми кои се однесуваат само и единствено на жените – менструација, абортус, бременост, раѓање, доење, одгледување на децата. И денеска тие се прашуваат за потребите иманентни само за жените и одредуваат колку слобода и права ќе имаат засновани само врз потребите кои произлегуваат од женскиот ентитет.

Мажите ја немаат изгубено ниту дрскоста да коментираат женски теми во секојдневен и навидум бенигнен контекст. Тие зборуваат за тоа дали бремените жени се поразгалени денеска одошто во минатото, за чувството на одвратност што го добиваат кога ќе сретнат жена која дои на јавен простор, тие ги коментираат одлуките на жената да работи или да не работи за време на бременоста, за изборот како и каде ќе го роди детето, за автономниот избор на жената дали ќе го менува презимето, дали ќе дои дете и сл. Прототип на тетки од средселската чешма кои коментираат сѐ освен тоа што е навистина нивна работа и во доменот на нивните одлуки.

Затоа овој Осми март, би сакала да ги видам жените многу посолидарни и посплотени. Обединети во нивната различност и истрајни во нивната борба да издејствуваат само и единствено тие да се прашуваат за нешта кои произлегуваат од нивниот ентитет и кои се директно врзани за изгледот на нивниот живот. Доволно време жените беа затворени во своите проблеми, незаинтересирани за проблемите на другата жена, со куп молитви да не им се случи нив онаа лошото како на другата жена, доволно време беа исплашени и безгласни, ама мудри во покорноста.

Доста време се провлекува нелогичната синтагма дека „Мажот е главата, а жената вратот“, доста време жената му шепкаше на мажот под постела она што таа би сакала да го каже јасно и гласно на маса, ама нели не и прилега. Доста е веќе од системско обесправување на жените. Со надеж дека овој Осми март ќе биде поинаков од сите други, им посакувам на жените да ги чувствуваат повеќе проблемите на другата жена и да даваат поддршка. Сѐ додека не се солидаризираме, нема да направиме промени, а општественото опкружување е исто за сите. Ако денеска не нѐ погодил истиот проблем каков оној што го има нашта другарка, ќе не погоди нас или нашите деца во иднината.

Имаме обврска да дејствуваме сега кога имаме алатки и никој никаде не треба да ни дава дозвола или да го коментира нашето право да се бориме за себе!

Автор: Магдалена Стојмановиќ