Љубовта го менува нашиот идентитет, ја фаворизира лагата наспроти вистината, љубовните очарување ни ја разубавуваат сегашноста и ни најавуваат надежна иднина, љубовните разочарувања не враќаат кон почетокот, потеклото, вистината и прашањето „Од каде доаѓаме, кои сме и каде одиме“? Љубовта е вечна манифестација низ три временски единици, минато, сегашност и иднина. Тие нејзини манифестации се испреплетуваат во совршена форма каква што ја има и пајаковата мрежа. Формата на љубовта е привлечна, а нејзината суштина се врзува со битието, со она што Е (глагол сум). 
Романот „Далечен брег“ е издаден 2023 година и претставува најновото книжевно остварување на писателката Катерина Серафимовска

Во овие неколку реченици може да се сублимира доживувањето на еден читател на романот „Далечен брег“ на Катерина Серафимовска. Иако навидум овој роман е вообичаено четиво посветено на љубовта, неизвесниот пресврт на крајот и суптилниот заклучок даден во епилогот го прави овој роман проткаен со длабоко филозофско и религиско разбирање на љубовта преку нејзина овоземска и профана димензија, но и онаа метафизичката, оностраната и мистериозната.

Интересно е тоа што авторката на книгата, романот го започнува со сонот, како најзначајно продирање во човечкото несвесно, во неговата психологија, во сферата која не е јазично обработлива, а во која има мноштво симболи кои се патоказ на желбите, страдањата, болките, идеалите и се она што сакаме да го сокриеме прво од себе, а потоа и од другите. На почетокот на романот авторката нѐ запознава со првиот и можеби највпечатливиот лик во романот – Аврил/Луна/Ерика, еден лик со три имиња и неколку идентитети.

Љубовта и помага на Аврил да го реконструира својот живот пред авионска несреќа во која го губи памтењето. Нејзиниот сопруг Енрике игра важна улога во потрагата на Аврил кон нејзиниот вистински идентитет кој го содржи сеќавањето. Во случајот со Аврил љубовта е опишана како обид да се вратиме кон нашиот претходен живот, кон нашиот идентитет и да се откриеме себе си преку улогите и околностите кои за нас ги трасирал социјалниот живот. Покрај Енрике, од клучна важност за враќање на сеќавањето на Аврил се и нејзината помошничка, родителите и пријателите. По авионската несреќа таа е tabula rasa која нема автентични доживувања, туку својот живот и личност ги гради низ перспектива на трети лица, како да чита роман за својот живот во кој е затворен и инструментализиран лик во туѓите описи за неа, а не нејзина сопствена автобиографија.

Но Аврил е и Луна, таа му е од големо значење на својот сопруг Енрике. Таа е неговата месечина, девојчето од неговото соседство, чие растење тој го доживува како сведочење на своите промени погледнати во огледалото. За Енрике, грижлив сопруг и посветен партнер, Луна е неговото алтер его, неговата анима, женската инкарнација на неговото битие, но и терет за неговата слобода бидејќи е разбрана како дел од должноста, одговорноста и брачниот завет.

Вториот женски лик во приказната, со кој почнува и влезот во откривање и дефинирање на новата и втората димензија на љубовта е Џина, средновечна жена, посветена христијанка, мајка, анестезирана од интензивни доживувања на љубовта, умерена граѓанка за која љубовта е само форма. Нејзиниот сопруг Сандро води паралелен живот и е сосема отуѓен од својата сопруга. За него Џина нема идентитет, таа има само функција, тука е да биде родител на неговите деца и да ја зачува неговата масонска репутација.

Катерина Серафимовска, писателка

Сандро има сосема друг идентитет, тој е всушност Италјанецот Марчело, за неговата љубовница Ерика, која вушност е Аврил или можеби Луна. Сандро ги открива страсните длабочини со Ерика, под велот на лагата, интригата, заблудата, во намерата за самоприкажување на селф кој е опиум за другата половина. Љубовта помеѓу Ерика (лажен идентитет) и Марчело (лажен идентитет) е толку интензивна, телесна и заносна, што и двајцата сосема се губат во своите проекции за себе и за другиот.

Во третата димензија од приказната за љубовта, Серафимовска ни ја презентира љубовта како лага, идеја, потреба за самоприкажување кое е далеку од суштината, но во кое има многу повеќе содржина, одошто во брачниот живот, каде љубовта живее низ формата, рутината и предвидливоста.

На крајот откриваме дека сите три љубовни приказни се испреплетени, ликовите само ги менуваат своите имиња и идентитети, тие ерозираат пред минливоста и менливоста на љубовните трансформации, а љубовта е прикажана како единствената невидлива рака која е успешна во поттикнување на промени. Во извесна смисла „Сѐ тече, сѐ се менува“ токму поради времето во кое промените се резултат на љубовните транформации. Љубовта има повеќе димензии одошто можеме да предвидиме и претпоставиме, затоа нема НАУКА за љубовта или прирачник за „правилно љубење“. Таа е значајно искуство во животот на секој човек, понекогаш заробена во социјалните норми и конструкти за брак и семејство, често структурирана во религиските догми, но најсилно изразена од секој еден човек кој ќе се осмели да ја доживее и поинаку од митовите, легендите и бајките.

Овој роман на Катерина Серафимовска ќе ве остави вдахновени, со сериозни филозофски замисли и прашања кои ќе ве прогонуваат постојано, како што го прогонуваат човештвото перенијално. Овој роман не е само роман за љубовта и вљубените, туку роман за смелите и храбри мислители, вечните мечтатели, луѓе кои сакаат да го реконструираат своето минато, присутни во својата сегашност и секогаш отворени кон светлоста на иднината.

Автор: Магдалена Стојмановиќ – Константинов

 

Можеби ќе ве интересира:

Серафимовска: Се водам од тоа да создадам дело со препознатлив уметнички сензибилитет кое што ќе поседува подлабоки вредности