дома прашуваме други колумна Романот „Најслаткиот филџан кафе“ е роман за кафето како симбол на трагите...

Романот „Најслаткиот филџан кафе“ е роман за кафето како симбол на трагите на времето испишани во спомените

Рецензија за новиот роман на Оља Петрушевска Томева „Најслаткиот филџан кафе“

1023
1
Времето е лекувалиште за душата и храм на вистината. Тоа е исполнето со спомени за најслаткиот филџан кафе што сме го испиле во животот со нашите најдраги соговорници, но и со спомени за најгорчливиот филџан кафе. Времето остава траги во развојот на една личност, како што талогот на испиеното кафе се лепи за внатрешноста на шољата од кафе, токму онаа шоља во која како тинејџери често сме погледнувале со цел да ја откриеме мистеријата, тајната или податокот за кој не сме биле доволно храбри да прашаме и да го побараме.

Романот „Најслаткиот филџан кафе“ на Оља Петрушевска Томева е роман за течението на времето, за кафето како симбол на трагите на времето испишани во спомените, за пријателството и првичните љубовни разочарувања, за вистинските вредности во животот, но и за растот и трансформацијата на една личност. Умешноста и вештината на авторката на овој роман е што успева со разбирлив јазик во навидум лесно четиво кое бргу се чита поради својата динамика и привлечност, да ни прикаже многу аспекти на пријателството, љубовта, важноста на семејство, за развој на една личност од адолесценција па до зрели години од својот живот, за одлуките и како тие го поминуваат тестот на времето кој ги прави „исправни или погрешни“.

Оља Петрушевска Томева е авторка на бестселерот „Сагата за Рајна“

Романот е поделен во 22 поглавја, а на крајот е додаден епилог во кој авторката го сублимира и заокружува значењето на романот. Во епилогот на читателот му соопштува дека овој роман е всушност роман за едно убаво пријателство кое ги преживува сите премрежја и се заснова на трајни вредности, а тоа е пријателството помеѓу две девојки, потем и жени – Ема и Марија. Иако по форма романот е поделен на 22 поглавја, тој тематски може да се подели на два дела и тоа според настаните во животот на главниот лик во приказната – Ема.

Во првиот дел се опишува тинејџерскиот живот на Ема, нејзините односи со Марија, но и другите пријатели од хорот и училиштето. Највпечатлив однос кој го гради Ема во првиот дел од романот е првиот љубовен однос кој го има со нејзиниот професор по музичко – Огнен. Тој однос е исполнет со несигурност, страв, интрига, доза на забранетост, таинственост на една врска, но и однос кој како и повеќето љубовни односи во младоста, носи многу разочарувања, неправда, страдање и болка. Ема е силно вљубена во Огнен, но се чувствува злоупотребено од нејзиниот професор и фронтмен на рок група бидејќи тој ја става својата кариера и углед во училиштето и на Музичка Академија пред љубовта со неа.

Тој не се бори за љубовта со неговата ученичка, туку ја казнува поради прекршување на нивниот завед дека врската нема да ја откријат јавно бидејќи е компромитирачки професор да биде во врска со ученичка.

Вториот дел од романот е интензивно врзување на настани и случки, при што читателот сведочи за целосна трансформација на ликот на Ема. Нејзините родители преминуваат во тешка сообраќајна несреќа, губи контакт со своите пријатели од училиштето, покрај неа останува доследно само Марија, а нејзината љубов Огнен без многу објаснувања става крај на нивната љубовна врска и продолжува понатаму со животот заведувајќи други ученички и познанички на Ема давајќи и до знаење дека не е посебна, ниту единствена на неговата листа „забранети љубови“.

Ема останува да живее со својата баба, во тешка психолошка состојба, посетувајќи редовни сеанси кај Лидија, без волја да продолжи понатаму со животот иако во тој период треба да ги донесе клучните животни одлуки – каде да се запише на факултет. Само едно сознание целосно го трансформира расположението и текот на животот на Ема. Кога ќе почувствува дека правдата е задоволена, а нејзиниот професор Огнен е суспендиран од работа поради афери со ученички и студентки. Од тоа сознание, животот на Ема целосно се транформира, таа добива волја за живот, го запознава Италјанецот Марко, се мажи и се преселува во Рим.

Книгата „Најслаткиот филџан кафе“ на Оља Петрушевска Томева е дел од едицијата „Наши, а светски“ при издавачката куќа Сакам книги

Ликот на Огнен е претставен преку доживувањата на Ема. Тој не е јасно дефиниран како „позитивен“ или „негативен“ лик. Читателот има можност него да го доживее само преку емоциите на Ема. Според Ема, Огнен ја злоупотребува љубовта и е премногу егоистичен и надмен. Но, благодарение на времето и сите случки во нејзиниот живот, од одредена временска дистанца, по долги години средба со Огнен, таа веќе не го гледа како „извор на нејзините страдања“ туку како кутар човек, кој е премногу слаб. Ема успева да го прерасне Огнен, а Огнен не успева да се прерасне себе си.

Марија пак, е контантен лик, кој своето пријателство го покажува низ ситни гестови, појавувајќи се дозирано во сите значајни настани од животот на нејзината пријателка Ема. Ема на крајот од приказната успева да согледа кои вредности се вистински и трајни и дека пријателството со Марија и нејзините „здодевни совети“ се многу повредни одошто моментите на задоволство и заблуда со другите луѓе од нејзиниот живот.

Приказната завршува со среќен крај, но и со малку носталгија, бидејќи Ема, оставајќи ја баба си и Марија во Скопје, постојано се сеќава на најслатките филџани кафе со својата пријателка, како да жали за одминатото време, за времето кое не се враќа, за времето кое допрва доаѓа а во кое Марија ќе има се помалку учество и секако за онаа време кое немилосрдно го покажува развојот на една личност, но и нејзиното стареење.

Рецензија на Магдалена Стојмановиќ Контантинов за романот „Најслаткиот филџан кафе“ на Оља Петрушевска – Томева

 

Можеби ќе ве интересира: