Секој од нас бил мета на манипулација. Додека манипулацијата е успешна ние не сме свесни дека сме изманупулирани, но кога се освестуваме дека таа е присутна или ја прекинуваме или земаме учество во поставување на условите на комуникацијата и односот. 

Животното искуство е пресудно да разбереме кога сме изманипулирани. Тоа ни дава широк преглед на карактеристики, фрази и техники кои ги користат лицата што сакаат да се послужат со нас преку манипулација.

Но, животното искуство не е единствениот начин да знаеме кога некој сака да не изманипулира и да го спречиме тоа. Постојат и психолошко-научни објаснувања што можеме да ги примениме со цел да откриеме дали сме токму ние мета на манипулација.

Прашања кои треба да си ги поставите:
  • Дали она што јас го правам за некого, истото тоа тој би го направил за мене?

Нема ништо лошо во тоа да сте волунтаристички настроени во животот и да сакате од „срце“ да им помогнете на луѓето. Но треба да го знаете тоа однред, со цел да избегнете манипулација.

Доколку правите нешто, очекувајќи работи за возврат кои постојат само во ветувањата извесно е дека сте мета на манипулација. Во секој однос мора да знаете што давате, а што добивате за возврат доколку го замислувате односот како двонасочна улица.

  • Колку ветувања се исполнети?

Ако некој постојано ви создава приказни како во некоја иднина ќе бидете среќни, задоволни и испочитувани, а од тоа ве дели едно „само“, тогаш веројатно е дека си имате работа со манипулатор.

Споредете ги делата со зборовите и обидете се да направите проста математика околу тоа што досега ви е ветувано, а што ви е остварено. Ако ветувањата се далеку поголеми од реализациите, некој ви создава митови во кои треба удобно да живеете без да имате потреба да го видите резултатот.

  • Постои ли временска рамка да го остварите договорот?

Ако сте се договориле дека ќе направите нешто, а тоа останува на план за недефинирана иднина, некој друг ги диктира правилата на игра.

Бидете сигурни дека постои временска рамка во која и двете страни треба да си го испочитуваат договорот, во спротивно се останува само на план. А неостварените планови фрустрираат!

  • Како се однесува кога дава, а како кога зема?

Личноста која ја сомничите за манипулација, треба да ја подложите на набљудување и да разберете како се однесува кога нешто од вас зема, а како се однесува кога нешто вам ви дава.

Ако е среќен/на кога го добива и го исполнува својот интерес и не баш радо го исполнува својот дел од обврските – забележете уште една карактеристика која говори во прилог на тоа дека имате работа со манипулатор.