Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска објави дека се враќа на работа што значи дека успеал да го победи корона вирусот со кој беше инфициран пред повеќе од две недели.
-Денеска сум на работното место, со едно големо искуство зад себе продолжувам да работам за доброто на граѓаните.
Предизвикот пред кој сме исправени како општество е шанса да ги преиспитаме приоритетите во нашиот живот, а во прв план да го ставиме здравјето. Почитувани граѓани, ајде сите заедно да дадеме придонес кон јавното здравје, за нашите деца, за семејството, за нас, за лекарите кои секојдневно се пред предизвиците да спасуваат животи, борба во којашто се уверив на Инфективната клиника, во посветеноста и неуморноста со којашто работат здравствениот и техничкиот персонал – искрена благодарност за нивниот влог.
Но, ова е заедничка битка – чувајте се, носете заштита на лицето, одложете ги времено физичките контакти колку што е можно тоа. Вирусот, заедно ќе го победиме, објави Спасовски на својот фејсбук профил.
Тој денеска гостуваше и во утринските вести на тв 24 и истакна уверување дека ќе го победиме „невидливиот непријател“ и дека луѓето треба да имаат доверба во институциите кои го даваат својот максимум за справување со епидемијата.