Постои една народна поговорка во која се крие генерациски фосилизирана мудрост „Внимателно слушајте го човекот кога зборува за некој друг, тогаш најмногу кажува за себе“. Меѓудругото законот за проекција е многу силен.

Искрениот човек во секој гледа искреност, додека лажливецот мисли дека сите други лажат. Во принцип во градење на личните перцепции секој тргнува од самиот себе.

Другиот е моето огледало

Припадник на американската интеракционистичка школа Чарлс Кули, говори за перцепцијата на другиот кој всушност  е моето огледало. Ние се перципираме себе си низ очите на другите луѓе и затоа ни е многу важно да имаме признанија, награди и дипломи за нашите заслуги и постигнувања во општеството.

Но исто така и начинот на кој се однесуваме или му се обраќаме да другиот многу открива какви сме ние. Во другиот всушност се одгледува нашата личност и карактеристики.

Ако имате љубов кон другите луѓе, тогаш несомнено е дека имате љубов и кон себе. Не залудно се вели дека оној што не се сака себе не е способен да љуби ништо друго. Односот кон другите луѓе е манифестација на нашата работа на себе и нашата инвестиција во нашето себство.

Кога на некој сакате да му ја намалите вредноста, покажувате дека мислите дека е многу подобар од вас 

Луѓето кои не ги сметате за конкуренција никогаш нема да се обидете да ги коментирате, барем не во негативна смисла. Но оние со кои водите некаков свесен или несвесен натревар често ги коментирате во негативна смисла.

Лошите коментари што ги упатувате за другите или озборувањата само покажуваат дека сметате дека тој / таа е многу подобар од вас.

Правење на разлика помеѓу помош и наметнување 

Луѓето кои секогаш се подготвени да им помогнат на другите, без тоа никаде да го споменат, објават и покажат се луѓе кои го гледаат општото добро наместо себичната корист од тоа општеството нив да ги награди и прогласи за добри луѓе.

Но постои и категорија на луѓе која е подготвена да се наметнува само за да воспостави контрола во животот на другиот човек.

Личност која ќе ви позајми пари кога сте во криза, а веднаш потоа го менува односот кон вас, се меша во вашата приватност и ви дели совети кои не сте ги побарале е личност која сака да заземе позиција на моќ, а не да се обиде да ве разбере за да ви помогне.

Во животот е важно да процените на кој треба да му возвратите на пружената рака за помош кога сте во тешка состојба. Личности кои прават се да останат во туѓ живот и да се почувствуваат важни, во суштина се нереализирани личности. Тие се како деца што се подготвени да направат се, само да го предизвикаат вниманието на другите.