Во денешно време, во градовите кои никогаш не спијат и каде светлината го потиснува мракот, многумина веруваат дека старите народни преданија се само „бабини деветини“.
Но, во внатрешноста на Македонија, во малите градови и селата, овие верувања сè уште се живи. Таму постарите луѓе и денес предупредуваат да не се патува по мрак и да не се останува надвор.
Станува збор за т.н. „Некрстени денови“, период кој трае од Божиќ до 19 јануари – Богојавление.
Според народното верување, тоа е време кога Исус Христос сè уште не бил крстен и кога „земјата е отворена“, па низ неа шетаат зли сили, демони и души на мртвите. Се верува дека тие владеат од зајдисонце до првото пеење на петлите, па затоа не се препорачува излегување ноќе.
Ако некој мора да излезе, според преданијата треба да носи лук, крст или остар метален предмет.
Во некои краеви се внимава жените во овој период да не предат, ткаат или перат, а надвор не се остава ништо бело, особено детска облека, за да не биде предмет на уроци.
Во одредени села се покриваат прозорците, а ноќе не се пие вода, бидејќи се верува дека злите сили можат да се скријат во садовите.
Се смета и дека „Некрстените денови“ не се поволни за раѓање деца, па затоа постоеле посебни обичаи за нивна заштита.
Како противтежа на стравот, народот организирал маскирани поворки – коледари, со музика, смеа и гозби, верувајќи дека бучавата и радоста ги бркаат нечесните сили.
Овој период е мрсен, без пост, освен на Крстовден, и симболизира заедништво, веселба и надеж дека мракот ќе помине.


















