Утре во емисијата „Мој збор“ се навраќаме на делото и визијата на еден од најзначајните македонски архитекти – Георги Константиновски, човекот кој по магистрирањето на Јеил се врати во разурнато Скопје по земјотресот во 1965 година и својот талент, знаење и интегритет ги стави во служба на обновата на градот.
Ќе зборуваме за неговите први капитални проекти по земјотресот, за Архивот на Скопје во Тафталиџе и за студентскиот дом Студентски дом „Гоце Делчев“, објекти кои ја втемелија современата македонска архитектура и му донесоа меѓународни признанија. Ќе се потсетиме и на неговата улога како професор на Архитектонскиот факултет, каде што постави стандарди и вредности што денес ретко се среќаваат.
Но емисијата нема да биде само омаж. Преку мислата и делото на Константиновски, ќе отвориме и поширока дебата за состојбите во современата македонска архитектура – за деградацијата на професијата, за проектите водени од кич и профитерство, како и за појавата на нестручни и некадарни лица кои, преку коруптивни и неадекватни вработувања, ги заземаат местата на млади, образовани и способни луѓе.
Ќе се осврнеме и на неговата остра, но искрена критика кон Скопје 2014, која и денес одекнува како предупредување за тоа што се случува кога политиката ја гази струката.
„Мој збор“ утре – разговор за архитектонското наследство, за изгубените вредности и за потребата од враќање на интегритетот и стручноста во општеството.


















