Што значи да се биде утопист? Во романтична смисла утопистот е оптимист, мечтател, добронамерен во инсистирањето да изгради заедница која ќе го зголеми учинокот на најпосакуваните идеали на човештвото и ќе придонесе, утилитаристички за поголема среќа на поединечно ниво. Но, утопизмот несекогаш вредносно позитивно се разбира, особено ако сте дистопист по убедување и избор или имате намера да ги прегледате крајните импликации од спроведувањето на утопистичките замисли во иднината. 

За Олдус Хаксли утопизмот во најмала рака, ако се држиме до идејата дека утопистите се добронамерни е наивен, во извесна смисла Хаксли го смета утопизмот за измамнички проект. Едно од најцитираните дистописки дела воопшто, вклучително и денеска е „Прекрасен нов свет“ токму на Олдус Хаксли. За поголем број од љубителите на дитописките романи, овој наслов се вбројува во список на задолжителни класични дистописки дела, а скептиците често се прашуваат со што токму Brave New World го заслужува епитетот „најцитиран дистописки роман“ и што е толку посебно во ова дело?

Книгата „Прекрасен нов свет“ е алузија на времето во кое живее Хаксли, длабоко проткаена општествена критика која ги задолжува и генерациите од иднината добро да го размислат концептот на утопијата. Се чини дека Хаксли најмногу се базира на критиката на утопистичките идеи на Платон, поради начинот на кој луѓето се размножуваат и делат по касти во т.н. Нов свет, но и на утопизмот на Маркс поради начинот на кој во комунистичките општества се дефинира и замислува среќата, слободата, еднаквоста, стабилноста, прогресот, религијата, лидерството и воопшто политичкото, економското уредување и уредувањето на социјалните релации. Не е случајно што токму главните ликови и носители на дејството во романот „Прекрасен нов свет“ се викаат Маркс и неговата анима, односно женската верзија која ја материјализира идејата за утопизмот – Ленина. Интересно е што главниот женски лик, Ленина не му останува лојална на Маркс во романот. Таа се вљубува и со романтична опиеност целосно му се препушта на Џон – Дивјакот, токму како што Ленин не е доследен во спроведување на марксовите идеи докрај и се приклонува кон дивата и исконска страна од човечкото битие.

На почетокот од романот Хаксли ги преиспитува последиците од премисата размножувањето на човечкиот род да биде целосно контролирано, одбрано и насочено се со цел да се издвојат најдобрите „примероци“ од човечкиот вид и да се заштитат жените од раѓање, а љубовниците од жртвување на страст поради репродукција, која се чини ја прави страста и сексуалниот однос се помалку убав. Во т.н. Нов свет, кој е рафинирана верзија на утопистичките идеи низ историјата, луѓето не се раѓаат природно, туку се произведуваат во епрувети и во лаборатории. Точно определен број со точна физиономија и генетика. Секој примерок погоден да биде алфа (плус или минус), бета, гама, делта, епсилон, а секој пак припадник на набројаните касти е определен да работи точно определена работа во својот живот. Алфите имаат специфична физиономија, кај нив се инсистира на истакнување на умствените способности и за нив се резервирани раководните позиции, односно оние кои треба да ја „одржат стабилноста на системот“, додека епсилоните работат во фабрики каде што производството е стандардизирано и омасовено, а тие не се оптеретуваат многу ниту физички, ниту умствено.

Олдус Хаксли (1894-1963), англиски писател

Затоа и наместо „Боже мој“, фраза која често се користи во христијанските општества или општества со испреплетени религиски вредности, во Новиот свет најчеста фраза е „Форде мој“ бидејќи токму „фордизмот“ како нов правец во производството (стандардизирано, сериско, масовно) станува нова религија на општеството кое е замислено да биде „идеално“. Кастинскиот систем и покрај тоа што носи детерминираност каде поединецот ќе се роди и како ќе живее во рамките на новиот свет, неговиот статус не го доживува лично како нееднаквост, туку себе се доживува како важен составен дел од големата машина која не може да функционира без секој нејзин дел. Со самото тоа што се припишува еднакво значење на деловите од системот, припадниците на кастите се доживуваат како еднакви. Иако критериумите не се за сите исти.

Што се однесува до слободата, таа е се чини најдлабоката и најапстрактната потреба која се врзува со човекот. Секој идеалист лудо и без цена ја посакува слободата. Но во новиот свет слободата не се третира како право да се прават грешки, да се биде гревен, да се отстапува од границите, да се бега од нормите, туку како достижна цел само со единствена можност да се живее по пропишаните правила. Секој еден во рамките на Новиот свет е слободен само под услов да ги почитува воспоставените правила, а не да ги крши. Овој концепт и покрај тоа што наликува на христијанскиот концепт за слобода во суштина се разликува од него. Ако античкиот идеал за слободата е дека човекот е определен да биде разумен, но има слобода да греши, христијанството целосно го измени редоследот за слободата да ја дефинира како избор да се направат исправни одлуки под претпоставка дека човекот има грешна природа. Значи човекот не ја потврдува својата слобода преку неговата занес и неразумност, туку преку својата разумна истрајност во исправниот пат кон Бог. Во Новиот свет, човек е слободен само затоа што слободата му е загарантирана преку системот и таа повеќе се сфаќа како систем кој ја гарантира и претпоставува без нужно да ја дистрибуира за своите луѓе. Нешто слично како денеска во либералните општества. На луѓето им се гарантира слободата, но тогаш кога ќе ја побараат, сфаќаат дека за неа мора да се борат. Тогаш каква е таа слобода за која треба да се бориме, докажува или да ја браниме?

Во Новиот свет луѓето пијат „сома“ и тоа е начин на кој успешно се справуваат со своите проблеми. Сомата понекогаш има и психотропно дејство како дрогата или алкохолот, но таа е нивна пософистицирана верзија која се продава во аптеки, ја нудат луѓе кое се грижат за здравјето и благосостојбата на сите. Луѓето пијат сома да се забавуваат, да се релаксираат, да го поминат своето слободно време, да решат здравствена тегоба, па дури и да си обезбедат квалитетен сон.

Оригиналниот наслов на делото е Brave New World

Времето во Новиот свет се третира исклучиво линерално и се смета дека секоја новина е подобра од старите облици, поради што старите облици се исфрлаат и се тежнее исклучително кон нови работи и нови идеи. Слободното време, пак, не е исто за сите. Впрочем во Новиот свет не постои време кое не е слободно бидејќи ниту една работа, луѓето не ја доживуваат како „обврска“ туку како нешто кое се прави со леснотија. На пример епсилните во фабриките би можеле да работат и по четири часа дневно и да ја постигнат истата продуктивност, но тие работат по 8 часа минимум затоа што истражувањата покажале дека кога работат само по 4 часа имаат многу повеќе време кое го трошат во пиење повеќе сома. Со цел да се ограничи нивното време за конзумирање сома и да се постигне благосостојба и разумност во распределба на дневното време, работното време на епсилоните трае многу повеќе од 4 часа.

Што се однесува до науката и уметноста, во новиот свет, таа е недобредојдена иако најмногу се говори дека науката и уметноста се посакувани и добредојдени. Уметноста служи исклучиво да ги промовира идеите и вредностите на новиот свет, а науката мора да се „заузда“ бидејќи доколку се препуштиме целосно кон научното откритие, сите проблеми би биле решени. Науката е тука да се занимава само со работи кои се неопходни без да го загрози поредокот и стабилноста на општеството која значи непостоечки или сосема благ прогрес и промена. Контрадикторно, но споиво во логичкиот квадрат е разбирањето на прогресот и стабилноста во корелација со местото на науката во Новиот свет, не треба да се чепка она што е веќе добро и покрај тоа што времето се разбира како нагорна линија во постигнување на прогрес.

Луѓето во Новиот свет не градат социјални односи, бидејќи социјалните односи го исцрпуваат поединецот и го узурпираат неговото бавење со лична среќа. Затоа зборовите како „сопруг/а, сестра, брат, ќерка, син, а особено мајка и татко“ се строго забранети во новиот свет. Луѓето имаат интимни односи само кога тоа им носи задоволство и уживање, во ниту еден друг случај тие не стапуваат во претерано блиски социјални односи. Не се плашат од старост и од смрт, иако во се смртни, не постои стравот од смрт токму затоа што не постои религија и потребата да се осмислува поединечниот живот на човекот преку неговата егзистенција, туку луѓето се создаваат со веќе определена смисла на нивниот живот (есенција).

Сите овие аспекти во манифестирањето на вредностите во Новиот свет ги дознаваме од дијалогот во претпоследната глава од романот на Хаксли кој го водат Мустафа Монд и Дивјакот. Дивјакот е еден од централните ликови, инаку неговото име е Џон, дојден е во „цивилизацијата“ (Новиот свет) со помош на неговата биолошка мајка Линда која некогаш била дел од цивилизацијата, но отткако го скршила заветот и не се придржувала до контрацепција, туку останала бремена и одлучила да го роди детето била протерана надвор од новиот свет и тоа во т.н. Резерват помеѓу „Индијанците“.

Линда успева да дојде до цивилизацијата и да го воведе својот син Џон, но таа таму и го завршува својот живот, во нејзиното најпосакувано место за живеење во кое секогаш сакала да се врати, иако нејзината смрт од заедницата се третира како опсервациски случај за малите деца кои гледајќи како еден човек умира, се едуцираат за тоа што е смрт. Само Џон, кој за луѓето од цивилизацијата е „Дивјакот“ трогателно го разбира моментот на смрт на неговата мајка, сите други со апатија и интелектуална заинтересираност го следат умирањето дури и фаќаат белешки што се случува за време на процесот на умирање.

Интересно е да се спомене и начинот на кој Џон „Дивјакот“ ја сфаќа религијата и на крајот се свртува токму кон неа. Тој вели дека луѓето стануваат религиозни на крајот од својот живот не поради страв од смрт, туку затоа што телото им се смирува и веќе не се заинтересирани да водат страсен живот. Ова разбирање на Џон е сосема спротивно од разбирањето на религијата во рамките на Новиот свет, кој се базира на ставот дека религијата е утеха на смртните, болните и старите. Дивјакот ја разбира човечката природа како порочна, меѓутоа смета дека порочноста е дадена од боговите и таа не е избор на луѓето. Боговите им ја дале порочноста на луѓето со цел да ги омаловажат и понижат.

Хаксли, во својот втор поговор кон книгата упатува на тоа дека разумноста носи нужност бидејќи луѓето кои се држат до принципите на разумот имаат само еден избор. Да се следи разумот значи да се следи патеката на нужноста и определеноста.  Да се биде слободен значи да се биде неразумен, ваквиот став за слободата го искажува токму Дивјакот при крајот на делото, кога на Мустафа Монд му вели дека сака да има право да има сифилис, да биде болен, да биде стар, да биде изнемоштен, едноставно да биде грешен и порочен.

Во целта приказна, убавиот дел и се чини лајт мотивот на книгата е љубовта и тоа токму онаа помеѓу Ленина, висока припадничка на цивилизацијата и Џон Дивјакот. Но и во начинот на кои овие два лика, очигледно репрезентативци на две дијалектики ја сфаќаат љубовта има голема разлика, можеби и спротивност.

Ленина е вљубена во Дивјакот на „прв поглед“. Таа е вљубена во неговите раменици, убаво обликуваното тело, кое за разлика од луѓето во цивилизацијата што не го избираат изгледот, луѓето од резерватот се одговорни за изгледот на нивното тело особено преку нивната „работа“ на него. Ленина го сака моментот што телото на Дивјакот е резултат на сите негови активности кои ги преземал во текот на животот, таа ја посакува спротивноста, различноста, ризикот, и го љуби Дивјакот страсно подготвена целосно да му се препушти во секој момент.

За разлика од неа Дивјакот, иако има очигледни љубовни чувства, Ленина ја гледа преку призмата на амбивалентност, во исто време ја љуби и ја мрази затоа што е недостижна, различна од него, посебна, света и грешна, спој на спротивности, целосен етички контраст. Дури во една сцена тој ја отфрла од себе и ја нарекува  со погрдни имиња. Но ја љуби, го проникнува нејзиното постоење, мисли на неа постојано, таа му недостасува.

Можеби прикажувајќи ја љубовта во нејзините две манифестни спротивности Хаксли ни го прикажува и „типичниот“ начин на кој сакаат жени и типичниот начин на кој сакаат мажите. Но само љубовта е монолитна, таа за разлика од сите други вредности кои може да бидат окарактеризирани како „дивљачки“ или „цивилизациски“ е единствена што може да биде само дива, непосредна, исконска…

Дали ова е доволен одговор на прашањето зошто романот „Прекрасен нов свет“ и денеска е најцитиран дистописки роман? Ако забележите некоја „случајна“ врска на описите во романот со денешната реалност препишете го тоа на случајност. Оптеретувачки е да мислиме дека живееме нечија туѓа замисла и смисла на нашите животи. Баш како и луѓето од Новиот свет, треба да сме убедени дека токму овој свет „е најдобар од сите можни светови“ и да ја препуштиме грижата за нашето добро на некој што многу подобро знае што е добро за нас. Бог, владата, лекарот, родителот, социјалната институција… Се чини дека Хаксли дава опсежни одговори на многу прашања, но го остава отворено прашањето дали светот овој или било кој можен свет може навистина да биде прекрасен или е прекрасно само убедувањето дека овој свет или некој потенцијален свет е и може да биде прекрасен? Ова прашање останува во категоријата перенијални, неодговорени, а можеби и неодговорливи прашања.

Автор: Магдалена Стојмановиќ – Константинов

Можеби ќе ве интересира:

Збирка научнофанстастични раскази „Денот кога заборавивме да плачеме“ го ангажира читателот во разликување на ВИ авторство и човечко авторство