Во текот на своите дваесети години, Лија Шустер Бир (34) често работела и по неколку часови подолго отколку што ѝ траела смената.

Нејзината работна недела се состоела од 100 работни часа во Голдман Сакс, работа во стартап за социјално влијание во Бостон, завршување на тезата за мастер студиите, жонглирање со воннаставните програми и стажирање, пишува CNBC.

Но, неколку месеци пред нејзиниот 30 роденден, ѝ било соопштено дека боледува од ретка форма на Нон – Хочкин лимфом. Поминала низ шест тури хемотерапија, а кога подоцна таа година открила дека ракот се вратил, морала да оди на зрачење и трансплантација на матичните клетки, поради што била принудена да направи пауза од својот брз живот.

Откако почнала да ѝ се враќа силата, имала време да размисли за својот претходен начин на живот.

„Не спиев со години“, рекла Шустер, увидувајќи дека се туркала себеси „до крајните граници на психата“.

Неколку месеци после ремисијата, точно пред три години, го основала Алула, онлајн пазар за производи кои се наменети да им помагаат на сегашни и поранешни пациенти со рак за да ги контролираат симптомите од своето лекување.

Собрала 2 милиони долари за компанијата, а сега води тим од три лица.

Дури и како претприемач, Шустер – Бир поставила јасни граници помеѓу работата и својот личен живот. Еве некои од правилата кои ги применила за да се погрижи никој да не работи од 5 до 22 часот, како што таа некогаш работела.

По 19 часот забрането е да се испраќаат мејлови
За почеток, спровела тешко запирање на работниот ден во 19 часот.

По 19 часот не ви е дозволено да праќате мејлови или да организирате состаноци на работа, објаснува младата жена, која започнува со работа во 10 часот наутро, а завршува во 19 часот.

Доколку некој од вработените мора да остане до подоцна на работа, имаат задолжение мејловите да ги закажат за следниот ден, започнувајќи од 8 часот.

Jа донесов оваа одлука за да можам да спијам навечер, а не да се бавам со мејлови, појасни Лија која вели дека ваквиот систем совршено функционира.

Истото правило важи и за преку викенд, вели таа.

Колективен одмор

Покрај тоа што секој вработен во платформата Алула има 20 дена годишен одмор и неограничени денови за боледување, компанијата исто така оди и на колективен одмор еднаш годишно.

Како дел од еднократната политика, Лија на секој вработен му дала дополнителна недела за одмор во мај. Компанијата, исто така, се затвора во последната недела од август и декмеври секоја година.

Нашиот луд, глобализиран, хиперактивен свет навистина се смирува во тие недели. Значи, поголемиот дел од луѓето земаат одмор во тие недели. И мојата мисла беше, зошто би ги трошела тие денови? Зошто едноставно не затвориме за да го поддржиме тоа? рекла оваа жена – претприемач.