Традицијата и религиските институции создаваат паралелни вредносни системи за уредување на семејната и брачната заедница кои се косат со правниот систем.

Традицијата дозволува остаток на форми за договорени бракови, со барање на „раката на невестата“ или плаќање на вратата пред собата на невестата на денот на свадбата. Религиските институции, пак, заедно со традицијата се грижат за зачувавување на титули како „кум“ или „старосват“ кои при склучување на граѓански брак се во својство на сведоци.

Граѓанскиот брак предвидува двајца сведоци кои на граѓанската институција и гарантираат дека бракот кој се склучува во матичната служба не е договорен и принуден брак. Сведоците треба да потврдат претходно познанство помеѓу брачните партнери и да одговорат дали имаат сознание дека постои принуда или договор на трети страни за засновање на брачната заедница.

Црковниот брак, пак, ги задржува титулите – кум и старосват, не само како сведоци, туку и како дел од стројништвото и одржувањето на црковното уредување на семејните односи преку крштевањето и воведувањето во другите Свети тајни од црковниот живот.

Во традицијата кумот и старосватот ја гарантираат стабилноста на брачната врска помеѓу брачните сопружници, а во црковниот брак тие имаат и должност да ја одржуваат близината на брачната заедница со црквата. На сведоците во традицијата и црковниот брак им се дава одговорност за засновање и одржување на брачната заедница која ја гарантираат, додека во цивилниот брак, од сведоците не се очекува таква одговорност.