Честоповторувана реченица е дека – Во секоја врска и брак има кавги. Но во суштина оваа реченица може да ве наведе на сосема погрешен заклучок дека кавгите се нормална и неизбежна појава во бракот или врската.

Ја зголемувате вашата толеранција на кавги и се навикнувате на токсичен однос во кој останувате премногу време бидејќи општествениот мит ви сигнализира дека тоа е „нормална појава“.

Точно е дека во секоја врска и во секој брак има расправи, а само во токсични врски и бракови, кои на крајот пукаат, има кавги од големи размери.

Разликата помеѓу кавги и расправи:

Се напаѓа проблемот / личноста 

Во кавга најчесто соговорниците ја напаѓаат личноста, а не проблемот.

Кавгите се полни со ад хоминем аргументи во кои може да се случат навреди, омаловажувања и девалвирање на соговорникот преку што се дискредитира и тезата која партнерот ја застапува во разговорот.

За разлика од кавгата, во расправата се напаѓа проблемот и се прави анализа на факти, случувања и појави со цел да се дојде до вистината или до разумен компромис.

Двата соговорника еднакво учествуваат во разговорот и тие немаат потреба да повишат тон, да црвенееат, или да прават неразумни испади.

Зближува / Оладечува

По кавгата двајцата партнери значително се одалечуваат, тие не сакаат дури ниту да гледаат во правец на другиот.

Кавгата е трауматично искуство, а партнерите сметаат дека другиот ги повредил поради што се тргаат од објектот кој им нанел повреда.

За разлика од кавгата, расправата ги зближува луѓето бидејќи таа е еден начин тие подобро да си ги истакнат своите ставови, да се запознаат подобро, да разберат како партнерот резонира во однос на одреден проблем, како аргументира и колку е сличен на нас во пристапот.

Доколку е различен, тој сепак може да ни отвори нови перспективи кои дотогаш не сме имале можност да ги имаме, во пристапување на одреден проблем.

Суштински проблеми / Несуштински проблеми 

Додека расправите се водат за да го превенираат раскинувањето или разводот и да дадат можност партнерите да ги искажат своите чувства, мислења и ставови по одредена тема или проблем во партнерството, кавгите се водат за секакви баналности.

Всушност кавгите служат да ги продлабочат причините за разделба, бидејќи длабоко во потсвеста партнерите веќе знаат дека количеството на повреда што го добиле од партнерот никогаш нема да им дозволи да ја продолжат врската или да градат на такви темели „среќна врска“.

Зрелост / Инфантилност

Зрели луѓе водат расправи, а инфантилни луѓе водат кавги.

Зрелите луѓе точно знаат што сакаат и имаат богато животно искуство зад себе. Тие знаат дека зборовите што ги изговараат може да го повредат партнерот, знаат какво влијание врз нас има емотивната повреда и на секој начин го избегнуваат тоа.

Инфантилните луѓе, за разлика, одат во крајности, од егоистични причини. Тие не сакаат да излезат губитници во кавгата или сакаат да ја покажат својата надмоќ и доминантност.

За нив не е важно како партнерот се чувствува, туку како тие се чувствуваат во тој момент и начинот на кој го артикулираат своето чувство е чист излив на бес, лутина, омраза и лош емотивен набој.

Автор: Магдалена Стојмановиќ