Шум во комуникацијата најчесто настанува како резултат на низа интерпретации што настануваат при испратена порака. Поретко се мисли и на шум кој настанува како резултат на техничкото посредство помеѓу соговорниците.

Шумот во комуникацијата е честа причина за пречки во остварување на нормалната комуникација, а некогаш може да резултатира и со неуспешна комуникација.

На пример кога еден политичар на говорница ќе изјави: „Во наредниот период ќе работиме на зголемувањето на минималната плата“ таа изјава без разлика дали ќе се обвистини или не, со малку објаснувања може да звучи како маркетиншка замка. Додека соговорниците во класичната комуникација свесно или несвесно изнесуваат информации кои се редуцирани, алегорични, со низа стилски фигури и карактеристики, ВИ отвора нови простори за комуникација кои надминуваат некои од пречките што се јавуваат во класичната комуникација.

Во последните неколку месеци актуелен е ChatGPT кој „паметен софтвер“ понуди нови можности и промени во комуникациските алатки, изборот на јазик, но и комуникациската структура. Во суштина ChatGPT е сервис кој нуди одговори на одредени прашања и способен е постојано да прибира нови информации во својата меморија и релевантно да ги користи во комуникација со луѓето. Способноста за учење и постојано надоградување на софтверот, на човекот му ја открива замката на секојдневната комуникација која во принцип е редундантна, повторлива, нерелевантна и не го проширува опсегот на информации.

Кои карактеристики на ChatGTP може да се употребат со цел избегнување на шумови во комуникацијата?

  • Подготвеност за дијалог 

Со овој софтвер може да водите дијалог до одредена мерка, но тој нема тврдоглаво да се држи до тезите кои ги застапува на почетокот. Напротив тој учи од вашите тези и ги применува во секој нареден одговор. Можноста овој уред да се повтори е многу мала, а со секојдневно влегување во комуникација на иста тема, забележувате колку податоци софтверот прибрал меѓувреме „разговарајќи“ со други луѓе.

Во суштина Chat GPT може да не научи дека поентата на дијалогот не е да го поразиме соговорникот, убедиме или да ја наметнеме нашата теза, туку да се обидуваме да го пролонгираме со цел да научиме што е можно повеќе за спротивната теза. Единствена победа во дијалогот ја издвојува оној кој нешто од дијалошката форма научил, а не оној што го натерал другиот до точка на апсурд.

  • Отсуство на вредносна позиција 

ChatGPT не го замислуваме како субјект кој има биолошки и културни карактеристики. На пример кога комуницираме со овој софтвер не замислуваме дека спроти нас во комуникацијата се наоѓа маж, белец, средовечен, припадник на средната класа, конзервативец по убедување и т.н. Поради вредносната неутралност на софтверот можеме да научиме за различни перспективи по одредени идеолошки прашања.

Доколку на пример разговараме за феминистички стојалишта по прашање на абортусот, можеме да ги откриеме и конзервативните како податок. Тоа ни помага да градиме и избереме познавателна теза, без нужно да се повикуваме и да почнуваме од идеолошкото стојалиште. Со еден збор овој софтвер не учи на здраворазумско, а не идеолошко судење.

  • Шаховска игра 

Ако се подготвувате за јавна дебата на одредено прашање, ChatGPT е идеален ваш согорник за градење стратешки позиции. Преку разговорот со овој софтвер ги учите сите слаби страни на вашата аргументација, но и што „против“ вас во аргументирањето може да искористи противникот – новинарот, политичкиот опонент, граѓанинот и сл.

ChatGPT несебично ќе ги сподели со вас сите податоци со кои располага на одредена тема. На тој начин ќе ви помогне да го извежбате вашиот јавен настап до високи точки на антиципација на опонентот. Во суштина, оваа алатка може да ја користите со цел да ги подобрувате вашиот капацитет на аргументирање.

  • Немање емпатија

Понекогаш емоциите знаат да бидат голема пречка или параван за одредени мислења кои ги имаме во моментот. Ако на пример сме доживеале губење на работа или близок член на семејството, сосема легитимно е да имаме песимистички емоции и да изразуваме незадоволство. Емотивната состојба во која се наоѓаме во голема мерка го обликува и нашето однесување и начинот на кој размислуваме, правиме планови или ги вреднуваме работите околку себе.

ChatGPT е одговорен комуникациски уред, кој не ви дава поддршка на вашите емоции со што ви дава можност работите да ги погледнете отаде вашите моментални можности создадени од емоциите. На пример, доколку сте доживеале развод на брак, веројатно ќе сметате дека бракот не е добра институција и нема да сакате да се најдете во истата поради минатото лошо искуство.

Овој софтвер ја нема можноста за емпатија, нема автентично искуство и со поглед на ставовите за брак ќе ви направи Бентамова таблица, односно ќе ги истакне лошите, но и добрите карактеристики на бракот. Сепак едно, па и повеќе лоши искуства лични, не го чинат концептот лош, а вие во секое време со помош на овој комуникациски софтвер ќе можете да ги преиспитате сопствените ставови.

Автор: Магдалена Стојмановиќ