Секојдневно ја гледаме на малите екрани. Една од најхаризматичните новинарки, која веќе со години го држи вниманието на јавноста, неприкосновена во својот професионализам.

За неа велат дека е вистински другар, човек кој знае да застане зад другите, да се бори за правдата, да ја докажува вистината, но секогаш одмерено и мудро, без претерување. Искра Коровешовска е ненаметлива, но не можете да не ја забележите нејзината елоквентност и шарм.

Празниците за многумина значат пауза, семејна трпеза и бегство од секојдневната динамика. Но, за новинарите и луѓето кои стојат зад информацијата, празничната магија често се живее паралелно со професионалната одговорност.

Искра Коровешовска, препознатливо ТВ лице и новинар со долгогодишно искуство, отворено зборува за тоа како изгледаат нејзините работни празнични денови, како го гради балансот меѓу семејството и професијата и зошто за неа семејната топлина не е врзана исклучиво за датумите во календарот.

Во искрен и топол разговор, Коровешовска открива како се адаптира на дежурствата, што ѝ значи тишината кога конечно има слободен ден и зошто растот и преиспитувањето за неа се секојдневен процес, а не празничен ритуал.

– Тоа се денови кога сум дежурна на вести и се целодневни обврски. Семејството веќе е навикнато на моето отсуство, а и јас. Но, вечерта кога се враќам од работа, си поминуваме кратко но квалитетно време, со разговор,  со по некое винце.
Што се однесува до работната атмосфера, екипата со мене е подготвена за празнично работење- порелаксирани теми, помалку работа. Па знаеме да си донесеме малку храна-мезе, да си пуштиме музика додека се подготвуваат вестите.
Тоа е во вообичаените празнични дежурства. Во вонредните, кога има црна хроника, некаков скандал, несреќа – празникот се заборава. Се мобилизираме како да е обичен работен ден.

За тоа како изгледаат моментите со семејството за време на празниците тогаш кога може да си ги приушти, Искра вели дека кога е зад камерите, нејзините навики и секојдневие се идентични како на најголемиот број жени во Македонија.

Иако за ТВ лицата се смета дека тие живеат некој поинаков стил на живот, Искра открива дека во поглед на семејните собири и организацијата на семејното време е типичен примерок на македонска жена.

– Се претворам во супер домаќинка (ха,ха). Гледам да станам порано додека сите спијат. Да си подготвам она што ми е планирано – храна, пијалок, салати, план за атмосфера, поставување на масата… за кога ќе се вратам вечерта, само да продолжиме таму каде што сум застанала утрото.
Секако дека ми недостига да си поспијам, „во хор“ со сите дома, па порелаксирано да ми почне празничниот семеен ден, но што е – тука е. И вака се адаптирам. Морам и сакам.

Вели дека и покрај работната динамика, дури и кога за време на празници ја чека дежурство и отсуство од дома, за неа празниците се асоцијација на семејна топлина и време кое треба максимално да му го посветиме на семејството и секако не е во прашање квантитетот на времето, туку квалитетот и содржината со која го исполнуваме времето поминато со семејството.

-Семејна топлина е секој ден, настрана од празничните. И 10 минути дневно поминати со ќерка ми квалитетно се „супер семејна топлина“. Си ја живеам љубовта дома секојдневно, не е посебна за празниците.
За себе преиспитувањето – го правам на дневно и неделно ниво. Не ми се потребни „годишни резови“ за нешто да размислам, преиспитам, одлучам, променам. Растам и учам секој ден, секој миг.

А тогаш кога има конечно слободен ден по дежурство, го посветува на интересни работи, времето за себе, сепак е вели важно, а одморот неопходен. Еве како изгледа ден после дежуство во домот на Искра.

– Нема шминка тоа е најважно. Максимално си го одмарам лицето. Си поспивам. Потоа следи кафенце со добра книга, па утринско вежбање околу 30 мин, па денот нека почне.
Си подготвувам трпеза релаксирано, може и цел ден во пижами, се додека не дојдат гости – најчесто се моите родители, или најблиските пријатели. Кога нема гости,  телевизорот работи само за филмови. Заедно сите си ручаме, па пак си уживаме – во хоризонтала се разбира (ха,ха).

Зад челичните правила на новинарската професија се кријат луѓе со свои вообичаени навики и желби, како најголем број други луѓе. Професијата го обликува нашиот ум и вредносен систем, но во суштината сите сме создадени на иста хумана основа, со потреби за семејство и припаѓање, што дефинитивно се најизразени за време на зимските празници.

Разговорот го водеше: Магдалена Стојмановиќ – Константинов