Многу е тешко да препознаете дека една работна средина е токсична доколку не сте дел од неа и директно не го согледате начинот на кој се поставени односите во едно претпријатие.

Понекогаш, треба да помине повеќе време да стекнете искуство за тоа каква атмосфера владее во претрпијатието без глорифицирачка перспектива на трето лице. Но, додека да сфатите можеби ќе биде доцна, ќе изгубите многу време, а и начинот на кој ќе сфатите дека средината во која работите е токсична може да биде поболен колку повеќе се задржите во неа.

Затоа ви проследуваме неколку совети на што да обрнете внимание кога се појавувате на интервју за работа или додека поминувате неколкудневна обука во претпријатието каде што сте аплицирале да се вработите.

Обрнете внимание на односот помеѓу колегите

Односот помеѓу колегите може да биде близок или премногу ладен и во двата случаи тоа е сигнал дека нешто не функционира како што треба. Преблискиот колегијален однос укажува на пакт кој вработените го градат и обично постои некоја контра тежа со која се во антагонизам.

Поделени интереси на работното место се вистинки пекол, а вие со тек на времето ќе мора да одберете страна. Само треба да знаете дека која и страна да ја одберете, сте направиле погрешен избор. Во средина каде што е пријатно да се работи и има услови за напредување – сите се обединети под заеднички интереси и сите се на иста страна!

Каков е односот на вработените со менаџерот?

Втора важна ставка на која треба да обрнете внимание е односот на вработените кон менаџерот, особено треба да ве загрижува доколку вашите потенцијални колеги имаат близок и топол однос со менаџерите и имаат само пофални зборови за нив.

Во едно успешно претпријатие менаџерот нема интерес да гради добри меѓучовечки односи со вработените, тој има коректен и професионален однос. Неговата главна цел е да воспостави систем на функционирање кој ќе важи и во услови кој и да биде менаџер. Оној менаџер кој од себе гради „култ на личноста“ и истиот го пласира помеѓу вработените, се води од лични интереси и го изедначува претпријатието со себе доживувајќи се често како незаменлив фактор во функционирањето на истото.

Како на вас гледаат вашите потенцијални колеги?

За што најмногу разговарате со вашите потенцијални колеги? Ако се тоа меѓучовечки односи во претпријатието, тогаш тие немаат интерес да ве оспособат за работа и ви кажат нешто што ќе ви е важно побрзо да се осамостоите и да почнете да си ја завршувате работата професионално.

Ако ве „трујат“ со меѓучовечките односи во претпријатието, тогаш сте на место како менаџментот е лош, а вработените се гушат во токсични односи. Во суштина тие не се задоволни од местото каде што се наоѓаат и работата им е на последно место!

Автор: Магдалена Стојмановиќ