На европските љубители на „Евровизија“ им се допаднаа гласот и настапот на Андреа, која доби споредби со познатата американска пејачка Алиша Кис, веројатно и поради стајлингот, но не и песната со која се претстави Македонија во синоќешното полуфинале на континенталното натпреварување во Торино, судејќи според нивните коментари на Твитер.

Тука можеби треба да се бараат и причините зошто Андреа Коевска не успеа да обезбеди пласман во саботното финале на „Евровизија“.

Во гласот на Македонија има квалитет што навистина го сакам

Македонија ја нема најдобрата песна, но тој глас…, гледам дека Алиша Кишoвска ја претставува Македонија годинава

Македонија всушност е навистина добра, има моќен вокал

Македонија е неверојатна, вие само немате вкус, навистина ми се допаѓа Македонија, но ќе биде чудо ако се квалификува понатаму

Додека убави коментари на сметка на евровизискиот настап на Андреа се редат на социјалните мрежи, во Македонија таа е се уште предмет на критика поради скандалот со фрлање на македонското знаме на една фотосесија која се одржа во рамките на Евровизија.

И покрај најавата на МТВ дека Андреа ќе биде казнета за тој гест дури и со дисквалификација, таа го одржа својот настап, кој судејќи по коментарите ја одушеви Европа, многумина ја споредуваат со Алиша Кис и се редат пофалби на сметка на нејзиниот вокал. Сепак тоа не беше доволно таа да заслужи место во финалето.

Забележливо е дека евровизиските настапи од година во година се се поконтроверзни, а некои од коментарите се дека Евровизија повеќе личи на некој карневал, отколку на музичко натпреварување. Во споредба со другите настапи, настапот на Андреа беше чист музички перформанс кој се поретко се среќава на евровизиската сцена.