Во јавноста често се зборува за родители кои ги малтретираат децата и вршат насилство врз нив додека децата се мали и изнемоштени и не може да се одбранат или да побараат помош и поддршка. 

Се говори за физичко насилство, за вербално насилство врз децата, па и за финансиско насилство кога децата се лишуваат од финансии за задоволување на основните потреби, додека родителите тоа го објаснуваат со воспитна метода или со не можност да се најде работа и да се има заработувачка.

Но освен насилството на родителите врз децата, во кое родителите покажуваат моќ врз децата кои се немоќни и слаби да се одбранат, постои и занемарување на родителите од страна на децата.

Во овој случај децата се возрасни единки кои ги прифатиле обврските да се грижат за родителите, само за да ги користат придобивките од нивната пензија, или да живеат во домот кој се води на нивно име, додека во реалноста владее потполна негрижа.

Тие ги занемаруваат нивните потреби, воведуваат целосна контрола во животот на старите родители, им ја одземаат пензијата, им ја контролираат исхраната, движењето и секако пристапот до здравството.

Многумина од нив со своето вербално насилство предизвикуваат влошување на здарвствената состојба на и онака хронично болните и старите родители.

Поради тоа што старите лица се изнемоштени, а брзо по насилството го завршуваат и својот живот, ваквите случаи остануваат заташкани и никој не го гледа насилството на старите луѓе од нивните деца.

Во номенклатурата на жртви на насилство апелираме до Министерството за труд и социјална политика да се вбројат и старите лица кои се малтретирани, искористувани материјално и економски и запоставувани од нивните деца.