На 19 години првпат самоиницијативно отишол на психолог, бидејќи чувствувал дека нешто не е во ред со него. Потоа сфатил дека за неговата состојба има лек, но залудно кога средината не разбира како е да живееш со нарушување и не пружа никаква поддршка, вели Дарко Капетанов од Скопје.
-На мои 19 години бев дијагностициран со АДХД, или синдром на нарушена концентрација и внимание. Во училишниот период има проблем со концентрација, ама во школо ми викаа дека сум немирен и дека проблемот со мене лежи во воспитанието кај родителите.
Вака ја започнува својата исповед Дарко Капетанов од Скопје на кого пред 12 години му е дијагностициран АДХД или синдром на нарушување на внимание и концентрација, а отогаш до ден денеска има проблем да се прилагоди во средината бидејќи другите го сметаат за премногу арогантен.
Поради дијагнозата, Дарко често бил отфрлан од врсниците, бил жртва на врсничко насилство, а ниту неговите родители, а ни училиштето тоа не го препознавале како проблем. Главно кога ќе се пожалел на задевање, наставниците му велеле дека секогаш прв почнува, а родителите дополнително го казнувале затоа што им правел редовни проблеми заради кои морале да одат во школо.
-Никаде не припаѓав ни тогаш, а ни денеска не можам да се снајдам во овој свет. Како дете не бев свесен дека проблемот што го имам е психолошки и треба да се лечам. Денеска знам што е проблемот, но не наоѓам разбирање од средината. Кога ќе дознаат дека одам на психолог ме избегнуваат како да сум заразен, вели Дарко.
Неговата борба со несовесна средина, сепак ја доживува како поголем терет отколку борбата со самото нарушување.
-Кога се жалев дека во школо сите ме отфрлаат, сите, дури и моите дома ми велеа дека јас прв се закачам со другите и дека нормално дека ќе ги испровоцирам. Пошто бев различен од средината создадов одбрамбен механизам. Станав најдобар на часови по физичко и тренирав бокс. После станав и професионалец. Тогаш почнаа да ми се додворуваат другите и да ме почитуваат. И денеска кога сум во некоја нова средина и другите и јас самиот знам дека сум различен, ама другите мислат дека сум арогантен. Вистината е дека така сум научил да преживеам, ако на другите од таа различност им постапам како авторитет. Ако сум премногу љубезен, веднаш забележувам дека другите почнуваат да ме понижуваат, игнорираат и на некој начин отргнуваат од себе.
Според психологот Симона Луковска, ова не е прв случај поединецот и покрај соодветниот третман од психолог, да не постигнува резултати бидејќи тежиштето на проблемот е токму во средината.
-Наместо само психолози, потребно е да се вклучат и другите струки, социолозите, социјалните работници, па и медиумите. Потребна е системска и општа едукација на луѓето за менталното здравје. Без средина која има разбирање и пружа поддршка, не може да имаме многу успех во третманот, вели Луковска.