Религиската одредба и верските симболи отсекогаш биле длабоко проткаени во македонската народна култура и традиција. Религиската одредба во преднационалната историја била главното средство за културна индетификација и разликување на македонскиот народ од другите. 

Црковните канони и ритуали кои ги обесправуваат жени, се повод, оправдување и аргумент за традициското поставување на жената во субординирана позиција во општествени групи, како брак, семејство, па и нација.

И во 21 век, женските деца при крштевањето не се носат зад олтарот, олтарот е недостапно место за жените, самата забрана да се биде дел од место кое има некоја внатрешна симболика и херменевтика, доволно покажува дека жената се соочува со забрани и одземање на слободата и привилегијата во црковниот живот.

Денеска е Богојавление – Водици, еден од најпознатите ритуали кои ги организира МПЦ во Македонија е осветување на водите и фрлање на крстот. Првиот кој ќе го стигне крстот, се верува дека е среќен и берикетен таа година.

Но во организација на овој обред учествуваат исклучиво мажи. Ретки се примерите во кој жените се „фрлаат“ по крстот, дури и кога ќе се забележи присуство на жени, се создава впечаток на „чудна, невообичаена појава“.

Реализацијата на уште една света тајна, а тоа е венчавката, на многу суров начин ја позиционира жената под мажот. Во моментот кога се прави црковна венчавка, свештеникот чита делови од Библијата во кои јасно се става до знаење дека жената треба да му биде ПОКОРНА на сопругот.

Свештенството во црквите е исклучиво машко. Жените не се предодредени да му служат на Бог во рангот на свештенството, а многу е полесно да замислите жена премиер, одошто жена свештеник, а уште помалку владика. Што покажува дека жената не е лишена од способноста да има власт и да биде лидер, туку е лишена од можноста тоа да го прави во црквниот живот!

Црквата има ригидни канони и правила до кои се придржува и покрај нејзината прагматичност по други прашања. На пример црквата ќе дозволи примеси на анимизам, тоталитаризам и други облици на паганство во спроведување на црковните ритуали, ама ни по векови нема да дозволи жените да го помиуваат олтарот.

Црквата дозволува да се носат амулети на рацете, да се јаде „за душата“ на покојникот, да се пали бадников оган или да се носи храна на гробот на покојникот под верување дека тоа ќе се преслика на неговата трпеза „горе“, но нема да дозволи жената да му служи на Бог во свештеничките редови.

Сепак, во македонската култура забележително е дека за религискиот живот најмногу се грижат токму жените. Голем дел од литургиите го сочинуваат токму жените, тие ги подготвуваат куќните слави, ги пренесуваат верувањата, на молитвата „Оче наш“ не ме научил татко ми, туку мајка ми, за татко ми и ден денеска „Оче наш“ е непозната молитва. Првата Библија не ми ја покажал татко ми, туку мајка ми, во правилата на крстење и молитви ме вовела мајка ми и баба ми, а не татко ми или дедо ми.

Жените се навистина посветени во одржување на религиските и верските корени во нашето општество и нивната улога во пренесуање на верувањето и религиозното чувство е голема. Сепак тие и понатаму остануваат обесправени од црквата и исклучени од одлучувачките моменти во организацијата на црквниот живот.

За жал, тоа обесправување на жените, кај многу прогресивки го раѓа сомнежот и колебливоста кон религиозноста. Црквата наместо да ја продлабочи религиозноста, таа често им ја одзема на нејзините верници, покажувајќи им дека формата е многу поважна од суштината!

Автор: Магдалена Стојмановиќ