Кога ќе ги погледнете неговите дела првата врска што ја создавате како гледач е мотивот на разиграност, раздвиженост и сетилно предизвикување кое преминува во сериозна пецепција и артикулација на најапстрактните поими. Ваквиот впечаток кај гледачот, македонскиот академски сликар, Горјан Ѓорѓиев, успева да го постигне со нереалистичното поврзување на бојата со објектот, непотполната фигурација која поттикнува асоцијација и гешталт перцепција, но и со флуктуација на централната фигура низ платното. 

Се остава впечаток дека централната фигура постојано „бега“ од своите ликовно-просторни рамки, растворајќи го своето постоење во субјективен израз на сликарот пренесен во перцептивното тло на гледачот. На прашањето дали неговите дела можеме да ги сметаме за репер на постмодерното сликарство, Ѓорѓиев вели дека делата се оставени да говорат за себе и нив нема да им даде значење ниту толкувањето на публиката, на авторот, ниту на критиката. Тие имаат свое независно постоење.

Горјан Ѓорѓиев (роден 1965 во Скопје) — македонски ликовен уметник.

Токму тоа отуѓување од авторството кон делото и разигривоста на сликата, која како што и самиот Горјан Ѓорѓиев нагласува ја користи понекогаш да упати и одговор или критика на случувањата на кои сведочи задолжително го вклучуваат и моментот на сатира, иронија, исмевање и нетипично користење на различни техники кои произведуваат субјективност и во изразот и во начинот на кој делото се доживува. Елементи на постмодернизам има, но сликарство за Ѓорѓиев е заеднички јазик кој го говори со луѓе со кои како вели „се препознава“.

Во интервјуто за „Мој збор“ открива како ја разбира уметноста и сликарството низ нивната функција за современиот човек, како ги карактеризира своите дела и каков однос има кон нив и зошто на своите дела им дава називи на апстрактни поими како „демијург, слобода, љубов“ и сл.


1. На прв поглед она што може да се забележи како општа карактеристика на вашите слики е некоја централна фигура која не е целосно дефинирана. На тој начин се остава впечаток дека како сликар користите асоцијација за перцепција на целосна фигура (гешталт пристап). Дали идејата ви е да продирате и да ја насочувате перцепцијата на гледачот на сликата токму преку фигуративна асоцијација со помош на недовршена и непотполна фигурација?

Ѓорѓиев: За привидна целина треба нешто, како проаѓа времето осознавајќи се доаѓам до свет на идеја која со солуција прави информација и математички ја модифицира материјата и текот на времето.

Постојат само фрагменти кои нѐ водат кон своја или нечија имагинарна целина. Секој поединец во својата завршна констатација има свои гледишта кои се надградени врз туѓи согледувања.

Во опшествово или популарно „матриксот“ на делување и перцепција ништо не е дозволено вон законот или општо прифатените норми.

Врз основа на предходното можеме да градиме свој живот кој може да биде забавен, луциден или подреден. Затоа мојот израз на платното, мислам мој и прашувам кој е тој? Просто кажано Јас сум оној кој е во смислено бегство од наметнатото изразување и стандарди кои се очекуваат од било кој што е наречен уметник.

А што е уметник?

За општата маса тоа е некој кој знае убаво да интерпретира реалност со боја, материја, музика или збор. За жал општоприфатената реалност е тоталралистички наметната.

Вистината, макар и непостоечка секој ја носи во себе, но таа за многумина е сокриена многу, многу длабоко, дури и позади огледалото.

Божествен уметник е оној кој ќе ја извади својата вистина на виделина и таа ќе биде толку оригинална што дури може да биде и неприфатена од случајните конзументи. Ги барам моите оригинални делови преку интуитивни фигуративни асоцијации во јаки и појаки форми и бои опишани преку гестикулација и израз на централна фигура во просторот која асоцира и флуктира во моментот на творењето и постоењето.

Одредената недефинираност публиката ја дефинира и заокружува по свое, со тоа станува дел од уметникот и нејзината валентност кон можните заеднички информациски солуции.

2. Може да се забележи и специфична употреба на боите кои често нералистично се однесуваат кон фигурата или постојните објекти. Дали бојата исто така ја користите за вметнување на одредена симболика во сликата (нагласување на некои контури, израз на емоција, потткинување на доживување кај гледачот)?

Ѓорѓиев: Навистина нереалистичноста на бојата, линијата, која не соодвествува кон фигурата е моментот кога се протресува односот на гледачот и тој треба да биде просветлен кон сосема друг правец од предходната позиција на мирување.

Јас бев просветлен од фовизмот. Среќен сум бидејќи добивам импулси од љубителите на моите дела слични на онаа емоција кога ја доживеав кога за прв пат го видов портретот на Мадам Матис, всушност го видов Матис и се видов себе си.

3. Голем број од насловите на вашите слики се одраз на апстрактни поими како на пр. демијург, среќа, сон, љубов, метаморфоза и сл. Дали сметате дека ликовната уметност може да се користи како метод за прикажување на апстрактните поими на конкретен начин (преку слика, фигура, форма, боја, линија)?

Ѓорѓиев: Време е на будење, треба да разбереме дека цивилизациски сме на сосема погрешен пат, дека шарените наочари ќе ни бидат заменети со сиви а на нив во центарот само една мала розева точка.

Луѓето меѓу себе се препознаваат (Исус ја препознал фамилијата, дури и својата мајка) моите слики се апстракти на современи состојби, ги користам како форма за пронаоѓање со други убави души, кои се отелотворени во идејата на суштинската слобода. Сакам тие да ги препознам и да ме препознаат.

4. Според вас која е функцијата на уметноста воопшто и како сликарството се етаблира денеска? Колку сликарството и уметноста воопшто му е потребна или неопходна на современиот човек?

Ѓорѓиев: Генерално и цинички гледано уметноста веќе не му треба на никој! Ова го пишува оној на левата страна на рамето, со рокчиња. Уметноста не му треба на современиот човек, тој е доволно исполнет со фабрикуваната понуда на „уметноста“ и неговиот надворешен изглед.

Функцијата на уметноста е да ги насочува естетските норми во векот на живеењето, започнува од „исклучоци“ кои се појавуваат и соодветсвуваат на политичките состојби и случувања. Сето тоа покриено со многу елаборирања и маркетинг кој се однесува на „врвната уметност“

П.С. Пак не му удоволив на овој со ореолот.

5. Ако можеме да зборуваме за постмодернизам во сликарството, дали сметате дека вашите слики може да се земат како пример за постмодернизам во сликарството особено поради димензијата на сатира која според моја проценка е често присутен стилски израз во вашите слики?

Ѓорѓиев: Моите слики, сега долго мислам… Интересно, ги оставам да си ги сакаат на свој начин, ги оставам да се радуваат, од нив да земааат животна енергија, да постмодернизам, сатира, забава, енергија, секс, убвина за мене и нив, малку и многу.

Интервјуто го спроведе: Магдалена Стојмановиќ Константинов

 

Можеби ќе ве интересира:

Штркова – Кочовска: Фотографијата прикажува различна реалност од онаа што ја знаеме