Ова право е загарантирано со Уставот на Република Македонија. Уставот на Република Македонија става посебен акцент на неприкосновеноста на правото на одмор со определба дека од ова право не може да се откаже вработеното лице.

Доколку работникот даде изјава дека се откажува од ова право или од надоместокот за годишен одмор – што му следува доколку не го користи годишниот одмор, кажано во правна смисла, таа изјава е ништовна, што значи дека таа не произведува правно дејство, т.е. секоја изјава што би ја потпишало вработеното лице дека се откажува од правото на годишен одмор или од правото да биде платен, нема да важи на суд.

Платениот годишен одмор изнесува најмалку 20 работни дена. Со КД на ниво на гранка, односно дејност, КД на ниво на работодавач или со договор за вработување, годишниот одмор може да се продолжи до 26 работни дена. Во Колективните договори на ниво на гранка, односно дејнoст, во КД на ниво на работодавач и во договорот за вработување се утврдени критериуми за определување на должината на годишниот одмор над минимумот од 20 работни дена, и тоа: должината на работното искуство, сложеноста на работните задачи, здравствената состојба на вработеното лице (инвалид на трудот или работник со преостаната работна способност согласно соодветна документација доставена до работодавачот), условите за работа, работник помлад од 18 години.

Доколку се надмине максимумот по основ на наведените критериуми, работникот има право на годишен одмор само до 26 работни дена. Должината на годишниот одмор, стекната по основ на здравствена состојба на вработеното лице и вработено лице помладо од 18 години, може да изнесува и повеќе од 26 работни дена.

Вработеното лице има можност годишниот одмор да го користи во повеќе делови во договор со работодавачот, но еден дел од годишниот одмор мора да трае најмалку две непрекинати работни недели.

Работодавачот има законска обврска да му обезбеди на вработеното лице искористување 12 работни дена годишен одмор до крајот на календарската година, а другите неискористени денови да може да се користат до 30 јуни наредната година. Доколку вработеното лице поради одредени лични, сејмени причини (боледување, или повреда, породилно отсуство или нега и чување дете) не можел објективно да го искористи годишниот одмор од календарската година во целост, ова право се префрла за наредната година, но само до 30 јуни.

Со колективен договор на ниво на работодавач може да се регулира ова право, за вработено лице што работи во странство да може да го користи годишниот одмор во целост до крајот на идната календарска година.

Вработеното лице по правило треба да го користи правото на годишен одмор кај работодавач кај кого го стекнал правото. Во случај на престанок на работниот однос, работодавачот е должен да му издаде потврда на работникот за искористен годишен одмор во тековната година.

Работникот има право на надоместок на неискористените денови од годишниот одмор, пред престанок на работниот однос, само доколку тој претходно побарал користење на одморот, а не му било овозможено да го користи, а работниот однос му престанал, но не по негова вина или волја. Со исплатата на паричниот надоместок по основ на неискористени денови од годишен одмор, се смета дека работникот целосно го искористил годишниот одмор.

Пожелно е работодавачот благовремено да подготви план за временскиот период кога вработените ќе ги користат деновите од годишниот одмор и притоа да ги извести. При подготовката на планот потребно е да се има предвид непрекинатото одвивање на работниот процес, можностите за одмор и рекреација, како и личните и сејмените обврски на вработените. Вработеното лице има право да побара да користи 2 дена годишен одмор, денови што самиот ги определува (по потреба), но има обврска 3 дена претходно писмено да го извести работодавачот, без да дава образложение зошто му требаат тие денови.

Работодавачот е должен на вработеното лице задолжително да му издаде решение за користење годишен одмор, во кое се утврдува колку денови работникот има право на годишен одмор, начинот на негово користење и во кој временски период работникот ќе го користи одморот. Доколку вработеното лице не добие решение, треба писмено да се обрати до работодавачот да му издаде решение.

Во пресметувањето на времетраењето на годишниот одмор не се пресметуваат празниците што се утврдени со закон, саботите, неделите, случаите на оправдано отсуство.

Во текот на користење на годишниот одмор може да се случат и некои состојби од личен семеен карактер што се сметаат за оправдано отсуство и тоа е платено отсуство: смрт на член на семејството, раѓање на дете (само за таткото), склучување брак. Деновите на платен одмор по овие основи се утврдени со колективен договор, но не може да изнесуваат повеќе од 7 работни дена.

Истото важи и за боледување, кога во текот на користење годишен одмор вработениот поради нарушена здравствена состојба користи боледување, годишниот одмор се прекинува и за тоа треба писмено да го извести работодавачот.

Како ден од годишен одмор се смета секој работен ден што е според распоредот на работното време кај работодавачот за конкретниот работник, одреден како работен ден. Односно, ако во неделата работникот има 4 работни дена и три слободни, во годишен одмор се пресметуваат само 4 работни дена.

Одмор за лица со скратено работно време:

Вработеното лице што е пријавено дека работи со скратено работно време има право на годишен одмор со минимално времетраење од 10 работни дена.

 

Одмор за лица кои прв пат се вработуваат:

Лице, кое првпат заснова работен однос, се стекнува со право на цел годишен одмор, кога ќе оствари непрекината работа од најмалку 6 месеци работа кај ист работодавач (без оглед дали работникот работи полно или пократко од полното работно време).

Право на пропорционален дел од годишниот одмор

Работникот има право на користење пропорционален годишен одмор во вкупен износ од по 2 дена за секој месец работа, доколку во календарската година во која склучил работен однос не се стекнал со право на целосен годишен одмор, или му престанал работниот однос пред изминување на рокот, по истекувањето на кој би стекнал право на целосен годишен одмор.