Покрај многубројните стеги, економски, социјални и политички околности во во 70-тите години на минатиот век, во Македонија се случија забележливи промени во поетиката на творештвото на одделни наши истакнати уметници. Со нив мошне понастојчиво се поставуваа прашањата за суштината и вистинскиот карактер на нашето вградувањето во актуелните естетски и стилски движења во уметноста на Југославија и на светот. Во таа констелација на доминантна тенденција и контрадикторни полемики за преод од фигуративното во апстрактното сликарство, ликовниот уметник Родољуб Анастасов (роден 1935 во Скопје) со посебна умешност и храброст примени еден вид нова фигурација и разви своевидна поетика на просторот и времето која веднаш стана паралелна и еднаква на светската модерна уметност од тој период. Таквата состојба на тн мината голгота на уметниците со современи ликовни тендеции веројатно се должела на тогашната неинформираност или интелектуална пасивност на ликовната критика, особено за случувањата вон Македонското општество и средина.

Анастасов своето ликовно патешествие го темели на повеќе развојни лабораториски фази такашто првенствено започнува со основите на енформелистичките решенија, а потоа преку асоцијативно-апстрактните и опартистички истражувања преоѓа кон елементите на новата фигурација и на тн нов реализам како нова традиција. Во ликовниот дискурс го вложува сиот свој творечки потенцијал на перманентно преиспитување и пречистување, на систематично и студиозно интерпретирање на мотивот не препуштајќи ништо на случајот. Имено, појавувањето на вертикалата како симбол на човековиот стремеж спрема горе („Вертикала на едно постоење”, „Катедрала” и сл.) и хоризонталата т.е. просторот како ликовно поетска и психолошка категорија во разновиден ликовно содржински контекст ја открива неговата интровертна природа. Оттука произлегува и употребата на придушена гама затворени тонови, што се пречистува во стерилизирано чист хроматизам со нагласено валерско присуство на белата боја. Всушност, во неговите дела односот на светло-темно согледан како сила која човекот го поврзува со космосот е перманентно присутен и е своевиден израз на внатрешен судир и напнатост. Посебно значење во констелацијата на дефинирањето на неговиот сликарски јазик имаат циклусите слики „Во потрага по изгубениот простор” и „Човек и простор” во кои ја доловува психологијата на однесувањето на луѓето во урбан амбиент. Во таа тн „синтетичка фигурација” Анастасов поставува слика во слика кадрирајќи ги екстериерните случувања во составот на поблискиот објект, а тоа секогаш најчесто е рамка на прозорец, завеса или ролетна која некаде е пореалистички, а некаде е подекоративно претставена. Тоа му овозможува да ја подели сликата на повеќе кадри давајќи и аспекти на феномен на движење и тоа во гро план. Со статичен објектив тој го доловува моментот кога возот фуриозно ќе помине покрај нас, опфаќајќи го и човекот со таа динамика карактеристична за современот живот. Овие остварувања, всушност се одраз на интимниот амбиент на уметникот толкуван како она што тој допушта да пробие во неговата личност од надворешниот свет, бидејќи тој не е извор само на неговите визуелни и емотивни изливи, туку е и простор во кој се одвиваат безбројните епизоди на актулената социјална и индоводуална човечка драма. Фактички, во овие дела присутно е влијанието на масовните медиуми како што се филмот и фотографијата, но на еден индиректен начин повеќе во начинот на посматрањето на работите, во фомрална и методолошка интерпретативна смисла.

Интересен е моментот во синтезата на портретното истражување на пример во неговиот „Автопортрет”, чија композициска шема потсетува на некои од делата на Дишан и футуристите, особено во иконографската реминисценција на еден детал од легендата за Христовото страдање, се чини како визија на уметниковиот сопствен творечки статус на искривоколчено болно вживување во грч, во траумите на својата судбина. Впрочем, со ова тој објаснува некакво скриено вознемирување и изделеност од животот. Потаму, во маслените слики Анастасов развива потивка и поделикатна нота, додека пак во цртежите работени со молив во боја и креда постигнува позвучен хроматизам што заедно со динамичното сменување на светло-темно создава впечаток на зголемен немир.

Родољуб Анастасов не познава брзи и ненадејни промени. Неговата идеја созрева постепено, добивајќи со текот на времето поразработен и посодржаен ликовен израз како што ќе изјави: „Во внатрешноста на моето битие го слушав внатрешниот шепот: прави се што душата ти бара, но внимавај да не го изгубиш својот личен творечки знак”.  Со сите овие карактеристики и индивидуален придонес, тој се вклопува во актуелните струења на модерната ликовна уметност, опоставувајќи го своето место во пошироки светски рамки.

Автор: Марија Стојческа