Меѓународен ден на трудот е меѓународен празник кој се празнува на 1 мај и е посветен на борбата за зачувување и унапредување на правата на работниците.

Се одбележува на 1 мај во знак на почит кон жртвите на штрајкот што се одржа од 1 до 4 мај 1886 г. во Чикаго.

На овој штрајк, организиран со цел воведување на 8-часовен работен ден, била употребена сила од страна на полицијата, при што имало и жртви.

Подоцна, организаторите на штрајкот биле изведени на суд, при што четворица од нив беа и погубени.

Во знак на почит кон жртвите од чикашкиот штрајк, Втората интернационала на својот оснивачки конгрес во 1889 донесе декларација со која се повикуваат работниците од целиот свет на демонстрации на 1 мај со цел подобрување на својата положба.

Оттогаш, традиционално, на 1 мај секоја година во повеќе земји ширум светот се одржуваат демонстрации во знакот на одбележувањето на Меѓународниот ден на трудот.

Меѓународниот ден на трудот е државен празник во повеќе земји во светот, пред сè во комунистичките и бившите комунистички земји.

И во Република Македонија, Меѓународниот ден на трудот има статус на празник.

До 2006 година тој се празнуваше 2 дена, на 1 и 2 мај, а од 2007 година се празнува само еден ден.

Во Македонија главно празникот не се одбележува политички и, наместо тоа, се користи како ден за екскурзии во природа.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде