Многу често во обичниот говор ќе се сретнеме со терминот дама, а се чини дека кога сакаме да упатиме пофални зборови и восхит кон некоја прирпадничка на понежниот пол го користиме атрибутот „дама“.

Но многу е тешко да се определи што поседува една дама и како да ја препознаеме – на улица, во ресторан, во маркет или на работа.

Ги прашуваме мажите што подразбираат под терминот „дама“ и ги добивме следните одговори:

-Таа оди совршено на штикли, носи кармин, има убави нокти и секогаш изгледа отмено. – Б.П (47)

-Дамата има убави манири, женствена е и зрачи со сексипилност. Тоа ја прави убава. – С.М (22)

-Да се биде дама треба да се има завидно образование. Жена која не е образована и е со просечна интелигенција, никогаш не може да биде дама. – С.Д (30)

– Дамите се во друштво на џентлмени, не може да сретнете дама во друштво на клошар. Просто многу зависи од тоа во чие друштво среќавате една дама. Ако кон жената нејзините најблиски се однесуваат како дама, тогаш значи дека таа така го поставила нивниот однос кон нив. Ако се однесуваат како кон предмет и ја понижуваат, а таа уште останува во таа средина, тогаш нема самопочит и сама си го укинала статусот на дама! – А.Г (53)

-Не постојат вистински дами денеска, дами биле жени со аристократско потекло, денешните жени се обични работнички заглавени во трка за успех и капиталистички заблуди. За капиталистички успех не им треба воспитание и добро образование, им треба само просечна интелигенција и бесконечен труд! – П.Б (39)

-Да се биде дама е работа на себе, жената треба да остане достоинствена во секоја ситуација и никогаш да не си дозволи да потпадне под притисокот да се однесува недолично, што и да се случува околу неа! – М.А (27)