–Со помош на италијанската судска пракса, ќе покажеме постоење на причинско-последична врска помеѓу труењето со осиромашен ураниум и ракот кај српските војници и полицијата, рече Алексиќ.
Алексиќ објасни за „Глас Српске“ дека граѓаните на Република Српска можат да дејствуваат по истиот принцип, бидејќи ваквите бомби беа употребени за прв пат на територијата на денешна БиХ.
Според него, во случај граѓаните на Српска да поднесат тужба и судот да ги прифати нивните побарувања, обвинет би бил НАТО, кој би бил должен да плати отштета, бидејќи БиХ, како и Србија, е потписник на Партнерството за мир.
–НАТО делуваше во тие договори како правно лице кое има свој буџет. Тука е потврдено правото на живот, што е над кој било закон, и тие ќе бидат обврзани да ја надоместат таа штета. Истиот случај е со БиХ, истакна Алексиќ.
Адвокатот Миодраг Стојановиќ посочи дека постои основа за тужбата, но дека би било ризично да се вклучат во вакви постапки затоа што не постои гаранција дека НАТО ќе ја плати штетата, а трошоците на постапката би биле огромни за оние што ќе се вклучат во неа.
–Имав такви барања, но не можев да ги прифатам затоа што мислам дека никогаш нема да ги добиеме парите. Трошоците за експертиза и хонорари се високи, тие семејства ги немаат тие средства, рече Стојановиќ.
Стојановиќ верува дека причинско-последичната врска помеѓу бомбардирањето и болеста лесно би се докажала, но дека прашање е кој ќе побара од НАТО пари.
–И, кога станува збор за БиХ, доаѓаме до прашањето за нејзината организација и државно-правниот статус во рамките на БиХ, што ја отвора кутијата на Пандора, рече Стојановиќ.