Министерството за образование и наука информира дека на владиниот ЕНЕР систем објавени се пет предлог закони од областа на образованието и јавноста може да учествува во креирањето на најквалитетните решенија со кои ќе се унапредат образовните услуги и ќе се обезбедат повеќе права и можности за чинителите на воспитно – образовниот процес.
Станува збор за целосно нови предлог закони за средното образование; за стручно образование и обука и за образование на возрасните, како и закони за изменување и дополнување на Законот за основното образование и Законот за Националната рамка за квалификации.
Предлог решенијата се изготвени од работни групи формирани со одлука на министерката за образование и наука, во кои членуваат претставници на МОН и повеќе други надлежни институции, експерти и стручни лица од наставничката и академската фела.
МОН ги повика граѓаните преку нивното официјално сооштение на web страницата да дадат придонес во подобрувањето на законската регулатива во областа на образованието и со тоа активно да учествуваат во градењето на поквалитетен образовен систем.