дома прашуваме други колумна Општество на промени и генерациски меури

Општество на промени и генерациски меури

Живееме во општество кое може да се опише само со употреба на еден збор - промена.

1058
0

Живееме во општество кое може да се опише само со употреба на еден збор – промена.

Ништо не е поприсутно од промената. Промената ги опфаќа разбирањето за времето, просторот, стекнување на навики и животен стил, динамика и згуснатост која произведува постојана тензија, конфликти и случувања.

Промените секогаш биле составен дел од животот на поединецот и заедницата, со таа разлика што во минатото луѓето имале поголем фокус на градење на стабилни навики и односи, а денешниот човек е фокусиран на промена, иновација и е свртен кон иднината, односно кон она што следува.

Следството е инкорпориран принцип во однос на луѓето, а тие стануваат обична менлива во животот на другите и во општествениот систем. Денеска повеќе од никогаш паролата „Секој е заменлив“ наоѓа своја смисла и примена.

Постојаната промена има сериозни последици врз комуникацијата помеѓу луѓето создавајќи т.н генерациски меури во кои живеат поединци што припаѓаат на одредена генерација. Колку е поприсутна промената толку растојанието помеѓу генерациите е поголемо.

Јазик

Жаргон и сленг се говор на одредена категорија на луѓе. Но брзите промени во техниката, технологијата, Интернетот, социјалните мрежи и виртуелниот свет, создаваат нови зборови кои ги користат прирпадниците на една генерација, обично онаа која е непосредно вклучена или тангирана со иновациите во овие сфери.

На пример изразот „шер“ или „лајк“ е сосема непознат за генерацијата за луѓето над 60 години и помлади што живеат во руралните средини. Но тие изрази се секојдневие за помладите, урбани генерации и тие совршено се разбираат преку употреба на тие зборови.

Јазикот трпи и од друг аспект, пред се стандардниот јазик. Иако сме свесни дека е жива, конститутивна и менлива материја, сепак службениот јазик не може да ги инкорпорира сите промени. На пример зборот „лејзи бег“ и покрај тоа што се употребува говорно, нема своја репрезентација во речник или употреба во официјални писма.

На тој начин официјалниот јазик кој е основа на законите, декларативите и други правни акти, не може да ги опфати говорните единици кои се изразени во сленг. На пример ако некој ви рече дека сте „бич“, тешко може да докажете дека станува збор за навреда на углед и чест, иако скоро сите ќе разберат за каков тип на увреда станува збор и ќе ја прошираат реакцијата во јавноста.

Вредности

Вредностите изградени во рамки на една генерација не се реплицираат во друга генерација бидејќи како и се друго постои производство на нови вредности кои произлегуваат од праксата.

Порано се сметаше дека вредноста е апстрактна единица која го диктира нашето поведение, значи односот од вредноста кон актот е одозгора надоле.

Денеска вредноста е производ на искуство, праксата и реализираниот потенцијал на човечкото битие, па односот на актот кон вредноста е во правец одоздола – нагоре.

На пример во минатото бракот бил апсолутна вредност и било важно да се одржи по било која цена. Денеска бракот не е вредност, туку однос кој се гради, а искуствата може да бидат различни и индивидуални. Од таа причина ретко се среќаваат денеска флоскули од типот: „Бракот пред се“, барем не во мејнстрим контект.

Навики

Порано луѓето имале навики кои се скоро непроменливи. Тие точно знаеле кога го започнуваат својот ден, колку часа работат, што обично јадат и кога одат на спиење.

Денеска навиките варираат од ден во ден. Флексибилни работни места, со флексибилни работни времиња, ад хок состаноци, забава, ноќен живот и сл. ги менуваат навиките секојдневно.

Скоро и да нема поединец кој може да одржи исти денски навики повеќе од една недела, бидејќи постојано наидуваме на промени на кои треба време да се прилагодиме или да одговориме.

Од друга страна капитализмот кој не тера да бидеме прагматични ни го развива индуктивното заклучување, свртеноста кон поединечните ствари, собирање на искуства до бесконечност на кои треба да им дадеме некакви вредности (цена) и да ги поделиме со другите (пазар). Сето тоа не спречува да бидеме стабилни и да имаме општ систем од вредности кои е непроменлив без разлика на поединечните искуства.

Ако порано луѓето сметале дека едно лошо искуство не го чини бракот лош, денеска луѓето сметаат дека единствено реално нешто е поединечното искуство и ако има едно лошо искуство тоа е доволно бракот да се прогласи за лош.

Процес на мислење

Ако дедуктивното мислење било едно најупотребуваните методи на носење заклучоци (од општо кон поединечно), денеска дедуктивното мислење е сосема непопуларно.

На пример, Аристотел знаел дека „Сите луѓе се смртни“ – за тоа не му било потребно искуство индивидуално, туку колективно и цивилизациско, кое било пренесувано од колено на колено.

Аристотел знаел од индивидуално искуство дека – „Сократ е човек“, бидејќи забележал дека ги поседува сите карактеристики на човечко суштество.

Комбинацијата на колективно искуство, а цивилизациско знаење и индивидуаното искуство Аристотел го навело да заклучил дека „И Сократ е смртен“.

Дедуктивното размислување го имаат луѓето кои се свртени кон минатото и кон цивилизациските искуства, додека новите генерации имаат индуктивно мислење бидејќи се целосно отворени кон иднината.

За новите генерации не е извесно дека некој Сократ од нашето време е смртен бидејќи може да се надеваат на „лек за бессмртност“.

За индуктивните мислители тоа што сите луѓе кои досега се родиле и умреле, не значи дека тоа е непроменлив факт за човештвото, туку само еден заклучок кој е веројатен, но не и апсолутно вистинит (не постои полна индукција).

Отуѓеност

Концептот на отуѓеност воопшто не е нов, тој потекнува од Маркс, а во поново време го „воскреснува“ Аксел Хонет (Франкфуртска школа).

Можеме да зборуваме за отуѓеност од средствата за производство во контекст на Маркс, или од парите во монетарната економија (бидејќи сите нешта ги пресметуваме во финансиски сооднос), но може да зборуваме и за отуѓеност од другиот.

За нас остануваат непобивлива граница другите како простор за кој не може да се знае ништо. На тој начин сме целосно свртени кон себе и својот субјективизам, а неможејќи да знаеме ништо за другиот ние имаме недоверба, мистифицираме, создаваме митови и секако имам шумови во комуникацијата.

Ние како поединци немаме знаење за другиот, но целиот систем „паноптикум“ (Мишел Фуко) има знаење за нас. Се собираат лични податоци, се прават архиви на наши ставови и случки од животот во некој систем на државна контрола, влегуваме во различни алгоритми на социјалните мрежи и лесно можеме да бидеме контролирани од страна на системот.

Системот кој располага со податоци за нас, ни нуди маркетинг содржини како резултат на проценка на нашиот вкус според претходни прикажани афинитети, не спојува со „People may you know“, ни делегира љубовни врски и пријателства, производи кои можеме да ги купиме, места кои треба да ги посетиме и сл. – Буквално имаме кој да се грижи за нас, и нашите слободи да ги креираме животите и ситуациите непредвидено се најтешки заблуди.

Точно е дека имаме слобода на избор, но изборите ни се веќе дадени според статистика на веројатност што од изборите би направиле.

Ние не сме генерации кои сме убедени во доминација на својата волја, но ние имаме насочена волја кон продавниците кои ги презентираат новите уреди од технологијата и иновативни методи.

Автор: Магдалена Стојмановиќ за „Мој збор“