Има неколку професии и повици чии функции и правила, по дефиниција, наметнуваат контраинтуитивност. Тоа неретко значи огромна самодисциплина на индивидуата во однос на своите или туѓите интереси, чувства, пориви или предубедувања од буквално секаков тип. Тука ударно влегуваат медицинските професии, правните професии, новинарите, академската фела и сета државна бирократија и технократија, на чело со оние кои го имаат ефективниот монопол врз оружјето и другите средства за присила.
На пример: медицинарите може да се најдат во ситуации да треба да дадат медицинска помош на некој/а монструм(ка) кој/а само пред пола час испотепал/а или повредил/а други луѓе на грозен начин; адвокатурата на таквите треба да им даде најквалитетна можна одбрана; обвинителствата да не им “сместуваат” повеќе од што бара словото на законот заради таква побарувачка од линч-толпа; судството да се погрижи “да не им фали влакно од главата” во однос на нивните права и слободи, да им делат правда по истиот тој закон, ниту помалку, ниту повеќе, од тоа што им следува и само врз основа на докажани факти и несомнено утврден (облик на) вина, а, секако, и во рамнотежа со истите такви обзири кон жртвите, оштетените и поширокото општество; новинарството да ја информира јавноста за сета вистина, сите факти и сеʼ релевантно, сосе и за во прилог на “неговата/нејзината страна”, ма дури и со нивно интервјуирање итн.
Ако за овие професии контраинтуитивноста е правен и професионален императив, таа не е помалку важна и за граѓанството. Зошто? Затоа што таа контраинтуитивност е во служба најмногу за сите други, за да не бидат извисени, скраја жртви на грешки, злоупотреби и местенки.
Во делот на правораздавањето тоа особено е акутно и Е непишана граѓанска обврска. Во Македонија чиниш тенденциозно се потиснува од (само)свеста и (правната) култура на граѓанството дека судската власт, а и севкупното правосудство, е власт, која, исто како политичките и изборните, се врши во “име на граѓаните”. Ако е така, а така е, не само што правосудството треба да го има, да го практикува и да го почитува изворот на сопствениот демократски легитимитет од граѓанскиот суверен ( а по сето тоа слабо стои кај нас, сосе и заради системска поставеност да не го “шмиргла”, но засебни теми), туку и самиот суверен не смее да си дозволи да биде незрел, неук, неинформиран и без никаква самоконтрола по сето она горенаведено.
По сето ова што го читаме по социјалните мрежи, замислете си секој од нас да се најде во улога на судија-поротник кој одлучува во судечки совети на рамна нога со професионалните судии? Уште повеќе, замислете си да сме земја каде правосудниот систем се заснова на судење со порота, односно каде токму и исклучиво поротата, а не професионалните судии, одлучува за нечија вина или невиност по обвинението. Запрашајте се: не дај боже, да се најдам јас во таква ситуација, дали би ми било ок “вака” да се тера за мене како осомничен, обвинет, жртва, оштетен, сведок, странка во спор итн? Да, контраинтуитивно е, оти сите си велиме, ма нема шанси јас да се најдам во таква ситуација, ниту реално, а ни по грешка или местенка. Да биде парадоксот поголем, така си тераме со истовремено “вриштење” како “нема владеење на правото”, “има корупција и злоупотреби”, “не функционираат институциите” и “полни се со незналици и некомпетентни”.
Еве, кога е за случајот на “паднатите од балкон”и за осомничениот , сега и обвинетиот, Стојанче Јовановски. Почетно, за него нема иницијали , има и фотки, а и кога е за “познати”, небаре не се под ист закон, а такви “обзири” се тераат само за убијци, силувачи, терористи и сл., иако, не треба за никој, освен малолетници, па уште, најцинично, најмногу заради шминка и мафтосување дека така се штити презумција на невиност, а со истовремено терање правен линч и газење по најосновни материјални и процесни права баш така и таму каде вистински се брои.
Но, наеднаш, ете, во овој случај, излегува дека баш сеʼ се тера како треба. Ама, навистина? За кутрото дете кое го поништија и наново жртвуваа веќе пишав и пак ќе пишувам, особено во контекст и на обвиненијата, но има и бајаги друго за аларм, а обвиненијата, со исклучок на едно (телесна повреда во ситуација на семејно насилство), се врвот. Но, на нив ќе се навратиме деновиве во посебна објава, овде само контекстуално.
На пример, ич не е индикативно и не смета тоа што новинарите и медиумите изиграваат само мегафони на тоа што им се сервира од МВР и Обвинителство? Има ли друга страна овде? Има ли таа страна адвокат и одбрана? Дознавме сеʼ за (лошата!) историја на осомничениот/обвинетиот, но ништо за мајката-самоубиец и убиец на сопственото дете, освен дозираните информации во однос на семејното насилство од негова страна. Во еден ваков контекст којшто вклучува и самоубиство и најекстремно (семејно) насилство врз дете, т.е. убиство на свое дете, да бевме сега по други некои земји, ќе имаше трагање и за тоа дали има некоја релевантна предегзистентна состојба во однос на психичката состојба и здравјето на жената, пред бракот, по раѓање на детето, пред и неповрзано со семејното насилство. Не е тоа релевантно? По кој тоа правен поредок и по кое тоа покривање на правни случаи? Па уште за дело како “наведување на самоубиство”? Па уште под стандард на небрежност?
Натаму, наводно сеʼ ни се пренесе за неговиот лош однос и искази кон неа, кој ги дава, ќе видиме. Слушнавме за “кавгите”, по некои од сведоштвата “се карале”, нешто што сугерира проактивен и взаемен однос и на жената, не е дека не се бранела себе, барем вербално. Но, некои, упорно гледаат и неа да ја десубјективизираат “за нејзино добро” ( а и за добро на сето женско челаде), па да создадат слика за неа небаре и она малолетна, ма ја инфантилизираат на ниво на нејзиното шестгодишно кутро дете кое е нејзина жртва и за кое сегде во нормален свет би одговарала со неспорен процесен капацитет ако преживееше. Па уште сето тоа го тераат така во име на “борба за правата на жените” и во рамки на ку-ку идеологизирана агенда за враќање на старо-ново државно старателство и сеопшт авторитарен државен патернализам врз жените, па уште и за дирекно во рацете на полицијата – школски пример за историјата како фарса. Сега уште сами да им се потпишат на тоа аргументациите со кои ги ставаа жените под таква “заштита”, те слаби, те лабилни, те владеани од емоции и хормони, те потпаѓаат лесно под машко влијание (да потсетам, и ден-денешен, мажите кои се сопрузи на владеачки кралици не можат да добијат статус на кралеви, само обратното може, сопруга на владејачки крал да стане кралица), те ментално со помал капацитет. Што ќе рече, да, не се они одговорни за убивање на своите деца оти и самите се на ниво на деца, ама и правата и слободите на иста линија, исто како со децата. Не е и дека нема ни тоа по светот, С. Арабија и останато шеријатско друштво, а си имаат и тука што наголемо си тераат така, не дури ни инцидентно или како патологија, туку баш како паралелен систем.
А попатно како колатерала да одат и други слободи и права, па онака ноншалантно “ не било битно чија е сопственоста за тоа кој треба да замине од домот” (а?!) и “ на полицијата да не и треба судски налог ( а?!?!).
Нема ништо, никакво сведоштво што она нему му викала? Случајно, само за обратното има? Што среќлии се погодија овие од Обвинителство, а? Не е можно тоа “ќе те убијам” да следувало по “ќе си одам со детето, ќе ти го земам и никогаш нема да го видиш”? Да не е “ќе те убијам “ по стандард на жестоки кавги што секој втор го кажува? Ако било за сериозно, прашања нешто за последователното однесување? Очекувано е такво однесување на безбедна оддалеченост од изворот на заканата?
Имало “навредување “ и “омаловажување” од негова страна, се пренесуваше. Некој се заинтересира дали имало обратно? Еве, нешто типично за жените, не носиш пари, не те бива за ништо, кај те најдов ваков, наркоман еден, каков татко си ти, никаков …
Продолжување на притвор? Зошто да не се брани од слобода? А и има ли воопшто некој случај во нашата држава, особено ако стане медиумски, скраја по социјални медиуми, а да се брани кривично од слобода? Мене ми стои како да нема, ма како да е невидлива одредба во законот ставено така. Ами зошто судиите да не им учинат на обвинителите да ја ставаат осомничената/ обвинетата страна во што е можно понеповолна, послаба и по ограничена положба во однос на своја квалитетна одбрана? Навистина, зошто да имаат “еднаквост во оружјето”? Па, пих и тоа глупостите со презумцијата на невиност, па те некаква си слобода на индивидуата, веднаш во хиерархија под животот, кај други некои тоа ти се обвинителски Хималаи, ама кај нас дури ни ритче. А и кога народ сака да си плаќа за такви си мераци терање, зошто па да не, притворчиња како бонбончиња да си се делат. Уште некој да разбере на чија сметка е сметката, неќе да е само на еден конкретен осомничен/обвинет, па колку и да е патолошки примерок од човечко суштество.
Ќе побегнал? Да, баш така се бегало, чиниш сите се Грујо или Груби. Пожарникар, т.е. работничка класа ќе да ти бегала во странство? Ахам. Или, можеби оти е “нарко-дилер” како што пренесоа медиумските полноглавци на МВР, без да прашаат каков е тој нарко-дилер кој врши “трговија со дрога” со фрапантни 20 грама марихуана (аууу) и 7 грама амфетамини (аууу). Јака заработка тоа, и за да бега и седи во странство, па кабли и мрежа на контакти да го крепат, ни Европол и Интерпол да не му можат ништо. Скраја да се препрашува МВР, зошто велите дека му е за трговија , а не за лично? Имате сознанија дека ги подавал?Итн. Ама, ете, така се служело на “јавниот интерес” на граѓанството. Сеʼ додека не е нешто за “слобода на новинарите и медиумите”, ок е, гази по граѓанство, ма онака, во принцип, е ок, а тоа ќе го рационализираме оти е за насилен и криминален тип. Ме потсеќаат, како за време на Ковид, наместо да вежбаат кочница и контрола во однос на ограничување на слободите и правата на граѓанството, ноќна мора да им бидат на министрите и владата, па уште и во услови кога нема парламент, новинарите со прашања зошто уште подраконски не тераат, секако, со обезбедени “пропусници” за себеси. А и бидејќи немаше последователни парламентарни сослушување , никогаш и нема да дознаеме што сеʼ и како се терало, како што дознавме за во други земји, од што сеʼ се воделе властите и колку самите почитувале тоа што им наметнувале како ограничување и одземање право или слобода на сите други.
И, еве, стигнавме до обвиненијата за случајот “шестгодишно дете паднато од балкон во прегратката на мајка му”. Се надевав дека нема, но, ете, за џабе. ОЈО ќе терало против семејно насилство и семејни насилници со правен линч, неправо и правни небулози.
Две недели се сторија и упорно папагалски се повторуваат “делата”, а на никој не му текнува, дајте да видиме што дела се тоа со кои го теретат, што се бара, кои елементи да се исполнети, имало ли досега такви случаи , споредбена пракса. Пак ќе повторам, да бевме во друга земја, сеʼ ова ќе беше превртено. Па уште врвот на папагалско “помагање да се изврши самоубиство”. Зарем треба право да сте учеле за да ви биде јасно на што се однесува тоа и какво однесување подразбира? Дотолку ли треба да се црта? Или, читај механички насловот на членот, нашлапај тоа за во текст, врви.
Ај новинарите, ами ние како граѓани?! Да се запраша некој? Уште повеќе, да се заинтерсира кои се импликациите на ова и вакво толкување на “наведување на самоубиство”? Ами да се заинтересираат кој облик на вина се бара? Го има ли вака во други законодавства и правосудна пракса? Со умисла , небрежност или двете? Какви други елементи? Исполнети се? Навистина?
Ве уверувам, има бајаги што треба дебело да ве заинтерсира и во кои сеʼ ситуации и врз кој сеʼ ќе може ова дело вака да си го толкуваат и применуваат. Како тргнале, ма за параноја да ве фаќа, а и за по дома камери сегде и никако љубовни врски и кавги по телефони, а и сеʼ тоа да снимате, скраја некој/а после да се самоубие затоа што лошо сте ги откачиле, уште поскраја ако ви пишале “ќе се самоубијам, ако ме напуштиш” и вие им одговорите “ма оди отепај се, многу ми е гајле, не си жив/а и така за мене, не постоиш”. Оп, еве то го ОЈО за наведување на самоубиство, многу нечовечки и/или сурови сте ги откачиле партнер(к)ите. А и гимнастика ќе стегнат за “зависност” и “подредененост”. Ма, еве, тоа да видиш, бракот да ти било тоа, а не заедница на правно рамноправни. Екстензивноста во толкувањето, вау!
Мислите дека не? Познава споредбена пракса такви обиди за гонење, и тоа, на умисла како многу повисок облик на вина по закон, а и единствено дозволив и прифатлив за ваков тип на дело, не пак за кај нас со снижено на небрежност. Но, како тргнало нашево обвинителство со толкувањата, нека подготви и обвиненија за девојката на пилотот на Џерманвингс, тој што изврши самоубиство со урнисување на полн авион патници, неговиот клинички случај на депресија сериозно реактивиран откога она го откачила не баш фино. Само за самоубиството, а за убиствата, нормално, “патниците паднале од авионот право на падините на планината”.
Спрема тоа како новинарите разбираат и пренесуваат, наместо папагалски од ОЈО соопштенија, барем на некој од нив да му текне да праша: а под која правна квалификација е “падот од балкон на детето”? Никаква ? Не се брои ? Како да не постоело никогаш? Или таткото го навел и шестгодишното дете да се самоубие? Па уште чекајќи го доле пред зграда, ако добро разбравме? Ама навистина?! Ма и како за по стандард на небрежност, многу јако.
Има бајаги индикативно и за “загрозување на безбедноста”, по кој основ (став од членот), па кога тоа, да не е наназад, односно антидатирано, дотолку повеќе што примарната гонителка веќе ја нема, па да не се нашло случајно тоа МВР да им “учини”, особено што Обвинителство мора многу да се исфрустрирале оти морале да одат со телесна повреда , а не со тешка телесна повреда, дотолку таму морале да закочат со накалемување, оти и суд да сака да им учини, неќе да може, има бајаги судска пракса и за едното и за другото.
Севкупно, не е само до “ институциите не функционираат”, туку многу други работи не ни функционираат. Ние сите не фунционираме.
Фејсбук статус на Каролина Ристова – Астеруд, универзитетска професорка и феминистка


















