Хотелските мини-шампони ќе бидат забранети од 2030 година, а малите практични шишенца во хотелските бањи постепено ќе исчезнат низ Европска Унија, предвидува новата уредба за амбалажа и амбалажен отпад.

Од 1 јануари 2030 година, компаниите нема да смеат да пласираат на пазарот амбалажа за еднократна употреба опфатена со уредбата. Тоа вклучува мали пакувања за козметички и хигиенски производи – шампони, гелови за туширање, лосиони, како и сетови за бричење и орална хигиена што најчесто се нудат во хотелските соби.

Уредбата стапи во сила во февруари 2025 година, а ќе почне да се применува во сите земји-членки од август 2026 година. Целта е намалување на отпадот од пакување, поттикнување повторна употреба и рециклирање, како и воспоставување единствени правила на европскиот пазар.

Документот содржи општи одредби за намалување на непотребната амбалажа, но и конкретни ограничувања за сектори што создаваат повеќе отпад, како угостителството и хотелиерството. Деталната листа на производи и можните исклучоци дополнително ќе ги појасни Европската комисија со насоки што се очекуваат до февруари 2027 година, за да ѝ се овозможи на индустријата навремено прилагодување.

За гостите тоа не значи укинување на тоалетните производи, туку промена на пакувањето. Хотелите ќе можат да користат системи со дозатори што повторно се полнат – практика што веќе се применува во дел од објектите.