Европски совет усвои нова уредба за поддршка на конкурентен и отпорен вински сектор во рамки на Европска Унија. Мерките имаат цел подобро усогласување на понудата и побарувачката, поголема отпорност на климатските промени, поедноставување на означувањето и поттикнување иновации и рурален развој.
Според кипарската министерка за земјоделство Марија Панајоту, уредбата е усвоена за помалку од една година по предлогот на Европската комисија, што покажува брза реакција на институциите кон потребите на земјоделците.
Подобро усогласување на пазарот
Земјите-членки ќе можат да поддржат мерки како отстранување на вишоци лозови насади за да се избегне презаситување на пазарот и да се зачува стабилноста. Наместо краен рок за системот на права за садење, се воведува десетгодишен период на ревизија.
Поголема отпорност на климата
Инвестициите поврзани со ублажување и адаптација на климатските промени може да достигнат до 80% од прифатливите трошоци, со што се забрзува транзицијата кон одржливо производство.
Поедноставено означување
Ќе се намалат административните трошоци и ќе се олесни прекуграничната трговија. Потрошувачите ќе имаат појасен пристап до информации преку дигитални ознаки и пиктограми.
Поддршка за рурален развој
Се предвидува целна поддршка за развој на вински туризам, со што се стимулира економски раст во руралните региони.
Терминот „безалкохолно“ ќе важи за производи со помалку од 0,5% алкохол, додека „0,0%“ ќе означува помалку од 0,05%. За вина со намален алкохол (најмалку 30% пониска јачина) ќе се користи јасна ознака „со намалена содржина на алкохол“.
Уредбата стапува во сила 20 дена по објавувањето во Службениот весник на ЕУ. Винскиот сектор сочинува околу 60% од светското производство на вино и е трет најголем агро-прехранбен извозен сектор на Унијата, со значајна улога во зачувување на руралните заедници и културното наследство.


















