Верниците на 7 јануари го слават Божиќ – најрадосниот христијански празник, посветен на раѓањето на Исус Христос.
Со овој празник се поврзани и бројни народни верувања кои временските прилики ги поврзуваат со годината што следи. Во минатото, кога немало метеоролози и прогнози, луѓето споредувале празници и временски појави за да претскажат каква ќе биде годината.
Според едно широко распространето верување, ако на Божиќ паѓа снег, годината ќе биде родна и бериќетна. Слично се верувало и ако на 7 јануари паѓа дожд – тогаш ќе роди сè што се обработува со мотика. Од друга страна, топол и сончев Божиќ често се толкувал како знак за помалку плодна година.
И денес, иако со нас се науката и прогнозите, овие верувања остануваат жив дел од народната традиција и празничниот дух.
















