Тој беше признат и наградуван лекар, невропсихијатар и психотерапевт, но и книжевник, теолог, сестран ерудит и академик на Српска академија на науките и уметностите.
Владета Јеротиќ, еден од најзначајните српски интелектуалци на 20 и почетокот на 21 век, зад себе остави длабока и трајна трага во културата, науката и духовниот живот. Неговите размислувања за човекот, Бог, верата и смислата на животот останаа силно присутни преку повеќе од 30 книги што ги објави.
Иако се занимаваше со различни области, многумина го паметат Владета Јеротиќ токму по неговите промислувања за христијанството, верата и внатрешниот живот на човекот. Неговите зборови често беа насочени кон совеста и самопреиспитувањето, особено кога зборуваше за односот на современиот човек кон Бога.
Говорејќи за атеистите, Бог и покајанието, Јеротиќ своевремено запиша мисла која и денес предизвикува силни реакции:
„Сè повеќе ми се чини дека сите атеисти, па и агностиците со претежно материјалистички поглед на светот, не сакаат да ги препознаат своите гревови, или, дури и кога ќе ги препознаат, не сакаат да се покајат.“
Во овие зборови се огледува суштината на неговата духовна порака. Академикот Јеротиќ сметаше дека човекот не може да му се приближи на Бога без искрен увид во сопствената слабост и грешност, нагласувајќи дека тој увид не му е потребен на Бога, туку на самиот човек.
„Тој од нас очекува само љубов како слободен човечки одговор на неразбирливата и безгранична Божја љубов. А до љубов никогаш не можеме да стигнеме додека сме горди, моќни, властољубиви и славољубиви, себични и доволни сами на себе“, запиша Јеротиќ.
Неговите мисли звучат како духовен завет – повик на понизност, самоспознание и внатрешна промена, кои Владета Јеротиќ ги сметаше за темел на секој вистински човечки и духовен раст.



















