Студија која ќе биде презентирана на конгресот European Congress on Obesity 2026 се базира на споредба меѓу индексот на телесна маса (ИТМ) и попрецизни методи за мерење на телесните масти. Резултатите укажуваат дека ИТМ често дава неточна слика за вистинската состојба во организмот.
Истражувачите анализирале 1.351 возрасно лице и ги споредиле вредностите на ИТМ со резултатите добиени преку методата dual-energy X-ray absorptiometry (DXA), која се смета за златен стандард за мерење на телесни масти.
Додека ИТМ ја проценува тежината врз основа на формула, DXA директно го мери процентот на телесни масти и дава значително попрецизен увид во составот на телото.
Резултатите покажале отстапувања кај повеќе од една третина од испитаниците. Кај лицата означени како дебели според ИТМ, околу 34% всушност припаѓале во групата со зголемена, но не и дебела телесна маса според попрецизните мерења.
Во многу случаи, луѓето според DXA имале нормален процент на телесни масти, иако ИТМ ги категоризирал поинаку. Интересно е што ИТМ и попрецизните методи најмногу се поклопуваат кај лицата со „нормална“ тежина, но и тука има отстапување во околу 22% од случаите.
Најголеми разлики се забележани кај лицата што според ИТМ се потхранети, каде дури две третини од нив според DXA всушност спаѓаат во нормална категорија.
Што значи ова за проценката на здравјето? ИТМ останува корисна и брза алатка, но не треба да се користи како единствен критериум. Стручњаците препорачуваат комбинирање со други мерења, како обем на струк и процент на телесни масти, за попрецизна слика за здравствената состојба.


















