Во редакцијата на Мој збор се обрати граѓанка која јавно го споделува своето негативно искуство со мобилниот оператор A1 Македонија, со цел да ги предупреди другите корисници да бидат внимателни при обновување на договори и прифаќање на уреди.
Според нејзината изјава, во ноември 2024 година таа го обновила договорот со A1 на уште две години, при што ѝ бил доделен нов мобилен телефон. Иако, како што наведува, немала реална потреба од нов уред, понудата ја прифатила како долгогодишна, повеќе од 15 години лојална корисничка.
„Телефонот беше нов и неупотребуван, но уште од првиот ден не функционираше – немав можност за повици, пораки, ниту интернет“, вели таа.
Проблемот, како што тврди, бил пријавуван во повеќе наврати кај операторот, а подоцна и во овластениот сервис Mobiko, каде било утврдено дека уредот е технички неисправен.
И покрај официјалната констатација за неисправност, граѓанката наведува дека:
-
една година плаќала рати за неисправен телефон,
-
сѐ уште е договорно обврзана да плаќа уште една година,
-
не добила замена за уредот,
-
не ѝ бил раскинат договорот,
-
усниот приговор ѝ бил одбиен.
Телефонот, како што вели, не е во употреба, а финансиската штета продолжува.
„Ова го сметам за неправеден и некоректен однос кон корисничка, особено кон лојална клиентка која со години редовно ги подмирувала своите обврски“, додава таа.
Правна рамка и заштита на потрошувачите
Според Законот за заштита на потрошувачите во Македонија, потрошувачката има право на:
-
сообразност на производот, односно уредот мора да функционира како што е договорено,
-
бесплатна поправка или замена доколку производот е неисправен,
-
раскинување на договорот или намалување на цената доколку недостатокот не биде отстранет во разумен рок,
-
писмен одговор на поднесен приговор во законски утврден рок.
Доколку операторот не постапи согласно законските обврски, потрошувачката има право да поднесе претставка до Државниот пазарен инспекторат, како и да побара судска заштита.
Во вакви случаи, за операторот може да следуваат прекршочни санкции, парични казни и обврска за надомест на штета. Но во конкретниот случај ова останува само како опција на хартија.
Редакцијата на Мој збор побара официјален став од одделот за односи со јавност на A1, но до моментот на објавување на оваа сторија не добивме одговор.
Сакавме да знаеме дали постои точно утврден рок за постапување на поплаки на граѓаните и дали смеат операторите и нудителите на услугите да наплаќаат за услуги кои граѓаните воопшто не ги користат. Иако законот вели дека тоа не смее да се случува, дел од операторите и големите компании се штитат себе со интерни договори.
Законот пак вели дека ако еден договор е спротивен на законот и сериозно ги повредува правата на граѓанинот тој се прогласува за неважечки.
Очигледно е дека правна рамка има, но институциите кои треба да ја спроведат и посредуваат во ситуации како оваа се или спори, или претрупани и неагилни. Правда за судски одлуки од област на деловно правно се чека со години.
Фото: Unsplash.com



















