Иако малку е позната, централно лоцираната германска сојузна покраина Тирингија, некогаш дел од Источна Германија, и нејзините градови: Вајмар, Ерфурт и Ајзенах, се места каде се родени, живееле, студирале некои од најпознатите личности во историјата:
Мартин Лутер, реформатор на Католичката црква и основач на протестантизмот; барокните композитори Јохан Себастијан Бах и Јохан Пачелбел, но и подоцна Рихард Вагнер и Франц Лист; сликар на германската ренесанса Лука Кранах – Постариот; писателот и поет Гете, филозофот Ниче и „Германскиот Шекспир“ – поетот Фридрих Шилер.
Ерфурт е главен град на провинцијата Тирингија. Градот со околу 205.000 жители е и географски центар на Германија. На пространиот плоштад во стариот дел на градот, спроти остатоците од градските ѕидини, се наоѓа катедрала која датира од 9 век, каде Мартин Лутер бил ракоположен за свештеник во 1507 година.
Во непосредна близина на централната црква во Ерфурт, има уште неколку интересни градби значајни за историјата на Германија – дел од стариот универзитет во Ерфурт (Collegius Maius) од 1379 година, петтиот најстар колеџ во Европа, каде Мартин Лутер првпат студирал право и потоа теологијата.
Младиот Лутер, кој ги започнал студиите по право во Ерфурт, по втората година на студии, во една прилика се враќал во Ерфурт од блиското родно место, кога на пат го зафатила голема бура.
Целосно сам во расчистениот простор, со громови и молњи кои се шират околу него, плашејќи се да не му заврши младиот живот, според сопственото признание си рекол:
–Боже, ако ме спасиш, ќе го сменам мојот повик и ќе му го посветам животот на Бога.
Тој го одржал зборот и покрај противењето на неговиот татко, кој не можел да ја разбере упорноста и доследноста на синот и овој непредвиден пресврт во неговиот живот.
Сепак, интелигентен, образован и прониклив млад човек без влакна на јазикот, набрзо станал вистинско освежување во однос на тогашното православно учење на религијата и со текот на времето се здоби со титулата реформатор на црквата, која сè уште ја носи и денес.
Недалеку од Универзитетот Колегиус Маиус, се наоѓа манастирот Свети Августин, каде Лутер се замонаши и поминал седум години од својот живот во служба на Бога (1505 – 1512).
Интересно е што денес во манастирскиот терен има ново крило – „манастирски хостел“ во минималистички стил, каде што е можно да се резервира сместување и на лице место да се проучат основите на учењето на Лутер (наводно, интересот е исклучително голем, а собата мора да се резервира месеци однапред).