На факултетите во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје денеска ќе бидат организирани први академски часови за симболично означување на почетокот на студиската 2022/2023 година и добредојде на новата генерација студенти.

Првиот академски час на УКИМ беше одбележан во саботата на Машинскиот факултет и, по пауза од две години поради КОВИД-пандемијата, се одржа со физичко присуство.

Бруцошите ги поздрави ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, со порака дека е чест, но и голема обврска да се студира на најстариот, најдобриот и најголемиот универзитет во нашата држава.

Затоа што знаењето, науката, талентот, креативноста и квалитетот се основни постулати во неговото работење… Ви посакувам низ студирањето да ве следат истрајноста, знаењето и желбата за ваш личен напредок и развој. Работете вредно, посветете им се максимално на студиите, соработувајте со вашите професори, соработувајте и меѓусебно, посветете се на вашата утрешнина, истакна Јанкуловски.

Според најавата на УКИМ, ректорот денеска, по повод првиот академски час, ќе ги посети Медицинскиот факултет (8.30 часот), Филолошкиот (11:00), Економскиот (12:00) и Архитектонскиот факултет (13:30).

Формиран во 1949 година со три факултети, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје денес е заедница од 23 факултети, пет научни институти и четири јавни научни установи, како и придружни членки.

Со Конкурсот за упис на додипломски студии во учебната 2022/2023 година, на Скопскиот универзитет беа слободни 10 918 места: 5306 за редовни студенти финансирани од буџетот кои плаќаат годишна партиципација од 200 евра. За редовни студенти кои ќе плаќаат школарина од 400 евра беа наменети 4522 места и 1090 места за вонредни студенти.

ИЗВОРСител
претходниот член,Зошто никогаш не треба да бидете благодарни само затоа што имате работа?
Следната статијаГрад кој низ историјата ги привлекувал најголемите светски умови

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде