Стапалата денес се многу поголеми отколку во 1970-тите, а тоа е последица од просечната висина и тежина на луѓето, па стапалата се зголемени за полесно да се носи „товарот“, покажа студијата на Британскиот колеџ за подологија, посебна гранка на медицината која се занимава со здравјето на стапалата.
Така, пред околу 50 години, просечното женско стапало било долго 23 cm, а машкото 26,5 cm, додека денес просекот кај жените е 25 cm, а кај мажите 28,5 cm. Тоа значи дека жените порано најчесто го носеле бројот 36 на чевли, а денес носат 38, додека мажите од 41 преминале на 44, пишува Daily Mail.
Како резултат на зголемувањето на стапалата, се почесто доаѓа и до прекумерно растење на коските на палецот, велат експертите. Покрај фактот дека стапалата на луѓето стануваат се поголеми, тие продолжуваат да растат во текот на нивниот живот, покажала студијата која опфатила 2.000 луѓе.
Така, 26 отсто од мажите и 41 отсто од жените тврдат дека стапалата им се зголемени за цел еден број од адолесценција до старост, иако лекарите велат дека најчесто се работи за раст во ширина, а не во должина.
Ова може да предизвика здравствени проблеми, а дури 29 отсто од жените и 18 отсто од мажите страдаат од секојдневни болки во стапалата поради носење премногу тесни чевли. Дури една третина од луѓето велат дека носат неудобни чевли само затоа што им се допаѓа како изгледаат.
Луѓето грешат затоа што често избираат модерни модели на чевли кои не им одговараат на нивните стапала, па имаат болки, плускавци, жулеви, па дури може да се појави и деформитет на стапалата – вели водачот на студијата, др. Лорејн Џонс.