Двата македонски аеродрома, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, забележаа силно закрепнување на патничкиот сообраќај во првите 9 месеци од 2022 година, со што достигнаа вкупно 1,8 милиони патници (1.811.168) и 14.823 летови, од јануари до крајот на септември.

Постпандемиското закрепнување на патничкиот авиосообраќај, кое на глобално ниво почна во 2021 година, на македонскиот пазар силно се почувствува со почетокот на третиот квартал од 2022 година.

Задоволни сме од закрепнувањето на авиосообраќајот и на скопскиот и на охридскиот аеродром што се случи годинава. Кога земјите од ЕУ, каде што е концентриран повеќе од 75% од македонскиот авиосообраќај, постепено почнаа да ги укинуваат ограничувањата за патување поврзани со документацијата за ковид-19 за патниците со македонски пасоши, веднаш се почувствува порастот на авиосообраќајот. Во првиот и вториот квартал преземавме голем инвестициски проект – рехабилитација на пистата на скопскиот аеродром. Без затворање на аеродромот и со добра координација со авиокомпаниите, успеавме да ги одржиме постојните авиолинии. Дополнителен засилувач на растот на патничкиот сообраќај беше значителното зголемување на сезонските летови во летните месеци и на скопскиот и на охридскиот аеродром. Севкупно, во 9-те месеци од 2022 година имаме зголемување од 82% на патничкиот сообраќај во однос на истиот период од 2021 година, додека во однос на 2019 година која ја сметаме за референтна година во воздухопловството, или годината пред ковид-19, нивото на патничкиот сообраќај изнесува – 12%. Како ТАВ, ќе продолжиме да работиме на проширување на мрежата на нашите авиолинии и од скопскиот и од охридскиот аеродром, со отворање нови дестинации и привлекување нови авиокомпании кои ќе почнат да летаат од Македонија, изјави Метин Батак, Генерален директор на ТАВ Македонија.

Според статистиката за патничкиот сообраќај на ТАВ Македонија, дестинации со најголем сообраќај од скопскиот аеродром, од јануари до септември, биле: Истанбул (двата аеродрома ИГА и Сабиха Гокчен со 13% пазарен удел); Виена (6,3%); Цирих (6,2%); Базел Милуз (6,2%); Анталија (5,4%); Минхен Меминген (4,1%); Дортмунд (3,8%); и Келн (3,1%).