Портретот низ историјата на уметноста се појавува како стара ликовна тематика уште од времето на првите големи древни цивилизации пред пејзажот и мртвата природа.

Во портретната уметност пулсира специфична експресивност, бидејќи во неа пред се како главен уметнички интерес е човекот насликан во различно временско милје: од сликање на владетелска и империјална иконографија, па се до модерна експресија на личноста, претставена како симбол на моќ и влијание, со цел да се раскаже и остави печат од одреден историски период.

Во денешно време се поретко уметниците се бават со портретот – сликарство кое може со сигурност да се каже дека претставува уметност во која најтешко и најризично е да се воспостави однос со реалноста.

Вакво анализирање побудија портретите на уметникот Петар Попчев (роден 1954 во с.Гаково, Сомбор, Република Србија) чијшто стил се темели врз широко конципиран приод кон портретот – од класични и традиционални, до понови и актуелни тенденции во ликовното изразување. Првиот впечаток при набљудувањето на  портретите го индицираат неговиот духовен интерес за сликање на личности во разни периоди со мотивски интересирања: човечка фигура поставена во разни амбиенти, автопортрети, портрети и слично.

Во својот сликарски потенцијал и ликовна обработка може да се насетат извесни стремежи и влијанија и тоа, започнувајќи од градењето на експресионистичка слика која во понатамошниот развоен процес ќе го допре фовистичкото ликовно проседе. Оттука, Попчев се издвојува како карактеристичен талент на деликатен колорист со специфичен сензибилитет за пронаоѓање на боени потези со четката кои ќе ја изразат неговата пиктурална мисла и барање. Нанесувајќи слој врз слој боја овој автор ја рехабилитира бојата така што со неа создава топлина, страст, артифициелност и субјективистичка естетика.

Она што е од исклучителна важност е обработката на цртите на лицето, особено на очите, носот и усните, при што по кусо набљудување уметникот ни открива еден занесен и привлечен импресионистички изглед. Заднината е со густо обона плоха и широко поставена релјефност на бојата, со мешање на боите и траги од четката, постапка што се провлекува како константа низ неговите портрети. Во одредени моменти се добива впечаток позадината композициски да асоцира на некои македонски фолклорни модалитети и декоративни симболи, но и на апстрактно боена површина, истакнувајќи ги во преден план портретираните ликови. Можеби таквиот амбиент е двигател за создавањето на неговата колористичка експресија – портретот.

Меѓу позначајните дела се издвојуваат портретите на „Папрадишки”, „Крле”, „Ориѓански”, „Лидија”, „Лешоски”, „Калеши”, „Кокале” и други, портрети во кои Попчев мошне вешто ја манифестира светлината како видлива форма на духот на портретираната личност, а со интензитетот на бојата и нејзината рустикалност ја создава играта на светло-темно.

Во оваа насока би се надоврзала на мислата на францускиот уметник Андре Лот, мисла која ја буди кај уметниците љубопитноста што се’ можат да создадат со бојата во моментот на дисперзија на нејзиниот интензитет, цитирам:

Интензивната боја не дозволува да ја заоблуваме, ниту да ја моделираме.

Понекогаш се има чувство како тоа зрачење на бојата и светлината да се шири надвор од рамките на сликата и како да го осветлува просторот надвор од неа.

Низ валерската игра и атмосфера добиена од тонските вредности Петар Попчев го доловува пулсот и енергијата на сликаните портрети, како лица без маски, создавани минуциозно и оддадено во долг период од своето творештво.

Имено, може да ја потврдам и потенцирам потребата од организирање на ваков тип изложби на оваа подолго запоставена сликарска техника, бидејќи постои тајна која што ја применува само сликарот со жив потег и чувство наспроти електронско зумирање на современата техника.

Автор: Марија Стојческа